Во рамките на фестивалот „Охридско лето“, на Античкиот театар вечерва со почеток во 21 часот концерт ќе одржи ансамблот за народни игри и песни „Танец“ од Скопје.  

Веќе шест децении ансамблот за народни игри и песни „Танец“ е симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура. Оваа институција претставува културен амбасадор кој несебично ја презентира и споделува богатата македонска традиција во земјата и во светот.

Танец официјално е формиран во мај 1949 година, со цел да се создаде една институција која го одржува, негува, чува и збогатува македонскиот фолклор. Првото претставување на ансамблот надвор од границите на Македонија (тогашна Југославија), се случило во 1950 година во Англија, поточно, на „Интернационалниот фестивал“ во Велс. Со изведбата на „Тешкото“, членовите на „Танец“ го освојуваат жирито и стануваат првиот ансамбл во историјата кој ги добива сите можни поени и највисоката награда.

Ансамблот има добиено бројни награди и признанија („11 Октомври“, „Климент Охридски“, „13 Ноември“, Орден на заслуги доделен од Претседателот на Република Македонија). Досега „Танец“ има одржано над 5500 концерти низ целиот свет. Неговиот репертоар го сочинуваат игри и песни како што се: „Невестинско”, „Тешкото”, „Комитско”, „Чифте Чамче”, „Осоговка” и многу други бисери на македонското народно творештво.

OhridNews