Во рамки на фестивалот „Охридско лето“ вечерва со почеток во 21 часот во црквата Св.Софија е концертот на рускиот виолинист Вадим Репин и пијанистот Андреј Коробејников. А. Шнитке, С. Прокофјев, И. Стравински, П. И. Чајковски.
Рускиот виолинист Вадим Репин на музичката сцена се појавува многу млад. Само до 17-годишна возраст во својата биографија запишува голем број награди на национални и интернационални натпревари, вклучувајќи го и Златниот медал на натпреварот „Виенавски“ кој го добива на само 11 години. По ова следат голем број турнеи низ повеќе земји, каде настапува со најзначајните оркестри и најистакнатите диригенти. Како камерен изведувач соработувал со голем број музички имиња, меѓу кои и познатиот руски пијанист Николај Лугански.
Андреј Коробеиников е руски пијанист, кој својата богата кариера ја започнува уште на 8-годишна возраст и оттогаш тој постојано настапува низ целиот свет, каде што соработува со голем број реномирани диригенти. Коробеиников бил учесник на повеќе престижни фестивали во светот, а добитник е и на голем број награди и признанија, меѓу кои прва награда на третиот интернационален натпревар за пијано „Александар Скрјабин“ во Москва, како и втора награда на вториот интернационален натпревар за пијано „Сергеј Рахмањинов“ во Лос Анџелес.
OhridNews