На претпоследната вечер на фестивалот Охридско лето, во катедралната црква Св. Софија концерт ќе одржат Немања Радуловиќ – виолина (Србија)
и Сузан Маноф – пијано (САД).

На програмата се дела од: Чајковски, Моцарт, Бах, Франк, Равел.

Концертот започнува во 21 часот.

Немања Радуловиќ се вбројува меѓу највпечатливите уметници од младата генерација на денешната музичка сцена, со своите атрактивни настапи одушевувајќи го аудиториумот. Радуловиќ е добитник на престижните награди „Јоахим“ во Хановер, „Џорџе Енеску“, „Антонио Страдивари“ „Јехуди Мењухин“, „Вијенјавски-Липински“ во Полска. Тој беше прогласен за International Revelation of the Year” од Victoires de la Musique (European Association of Artist Managers) и номиниран за “Rising Star”. Радуловиќ настапува во најпознатите светски сали: Концертгебау во Амстердам, Мегарон во Атина, Cité de la Musique во Париз, Palais des Beaux-Arts во Брисел, Филхармонијата во Келн, Карнеги Хол, како и на бројните меѓународни фестивали. Тој свири со најдобрите светски оркестри: симфоничарите од Монреал, Рио, Барцелона, Нирнберг, Филхармониските оркестри на Радио Франција, Рим, Штудгарт, Германската Државна филхармонија, Кралската Филхармонија – Лондон, Филхармонијата на Украина, Оркестарот на Романска Швајцарија и многу други. Радуловиќ редовно настапува со Мариел Нордман, Сузан Маноф, Доминик Плансад, Лаура Фавр-Кан, Ане Гастинел и со ансамблите The Devil’s Trills и Double Sens. Неговите снимки се објавени од водечките издавачки куќи TransArt Live и ArtAct-Decca/Universal, а неговиот солистички компакт диск е награден со “Diapason Découverte“. Прогласен е за почесен доктор на Универзитетот во Ниш – Србија.

Сузан Маноф е пијанистка добро позната по својот афинитет кон камерната музика и ансамбловото музицирање, а со тоа – и еден од најбараните пијано соработници. Таа редовно настапува на маѓународните фестивали и е поканувана од најдобрите концертни сали ширум свет: Théâtre des Champs-Élysées, Théâtre du Châtelet, Salle Gaveau, Вигмор Хол, Концертгебау, Карнеги Хол, Концертхаус и Музикферајн во Виена. Нејзината желба за новите творечки предизвици и љубов кон театарот го овозможи нејзиното вклучување во бројните програми кои обединуваат музика и текст. Сузан Маноф соработува со видни уметници и снима за водечките издавачки куќи Naïve, Decca, Virgin, Arion, Valois и Aparte, а подолго време соработува и снима со Немања Радуловиќ. Таа е професор на Националниот конзерваториум за музика и танц во Париз. Во 2011 г. Сузан Маноф беше прогласена за Chevalier des Arts et Des Lettres од Министерството за култура на Франција.

OhridNews