Во рамки на фестивалот Охридско лето, вечерва во катедралната црква Св. Софија со почеток во 21 часот, концерт ќе одржи камерниот хор „Св. Климент Охридски“ од Скопје.

На програмата ќе бидат дела од Лвов, Рахмањинов, Ортаков, Шумилов, Архангелски, Зографски, Христов, Свиридов и други.

Камерниот мешан хор „Св. Климент Охридски“ е формиран во 1992 за потребите на Македонската православна црква, односно сослужение на неделните и празничните литургии во црковниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, како и за учество на разни пригодни свечености во рамките на МПЦ. Хорот е составен од професионални пејачи, вокални педагози и хорски уметници. Негов уметнички директор и диригент е Панче Јосифов. Хорот редовно ја изведува првата македонска православна литургија „Литургијата на Св. Јован Златоуст“ од композиторот Атанас Бадев. Покрај богатиот репертоар на православна духовна музика, хорот на својот репертоар вклучува и дела од старите мајстори, како и композиции од периодот на романтизмот, фолклорни  и црковни дела од западната римо-католичка провиниенција. Хорот е присутен на концертните подиуми во Македонија и странство и е редовен учесник на хорски меѓународни фестивали.

OhridNews