Во рамки на програмата на Охридско лето вечерва со почеток во 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе се одржи концерт на камерениот оркестар на Музичката Младина на Македонија, под диригентската палка на Елена Митревска. Овој концерт се организира по повод одбележувањето на македонското претседавање со Централно европската иницијатива (ЦЕИ).
Музичката младина на Македонија е национална невладина организација која работи преку, со и за млади луѓе, развивајќи ја нивната креативност и поддржувајќи го нивното почетно јавно претставување на полето на музичката уметност. МММ се стреми да ја охрабри и да ја насочи потребата за директна комуникација помеѓу младите и аудиториумот како со музиката, така и со другите културни вредности. Цели 50 години Музичката младина на Македонија остварува голем циклус разновидни активности поврзани со дејноста на Камерниот оркестар– единствениот од ваков вид во Југоисточна Европа. Камерниот оркестар на МММ е добитник на бројни награди и признанија.
Елена Митревска најпрвин дипломира на Факултетот за музичка уметност на одделот за музичка теорија и педагогија – насока хорско диригирање, а потоа и на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена на одделите по хорско диригирање и оркестарско диригирање. За време на своите студии во Виена активно работи како диригент на неколку хорови, а го основа и ансамблот „Глезум“. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и престижната награда „Ервин Ортнер“, која се доделува за значајни достигнувања на полето на хорското диригирање во Австрија. Од 2012 година работи како асистент на хорот „Арнолд Шенберг“.
Според најавите, на концертот ќе бидат отсвирени дела на Едуард Толдра, Јоханес Брамс, Бела Барток и Петар Илич Чајковски.
OhridNews