Со концертот на Ана Липша Тофовиќ одржан на денешен ден во далечната 1961 година во црквата Света Софија, започна богатата историја на фестивалот Охридско лето.
Чинот на концертно крштевање на Света Софија направен во миг на визионерско вдахновение на сега покојната Ана Липша Тофовиќ и нејзиниот пијано соработник Ладислав Перлдик, со голем ентузијазам поддржан од неколку видни граѓани од Охрид и македонски културни работници покажа дека семето е посеано на плодна почва и од него се зародува манифестација со комплексно значење, стои во историјатот на Охридско лето.
Изведбата на дела од Хендл, Моцарт, Бетовен, Глук, што ги изведе прекрасниот глас на Првенката на Македонската опера, со самиот почеток делуваше импресивно и покажа дека Света Софија е дадена за тоа. Така започна приказната што се вика Фестивал Охридско Лето.
На 55 роденден на фестивалот, велерва во 21 часот на Античкиот театар концерт ќе одржи американскиот хор „Howard Gospel“.
Американскиот „Howard Gospel“ хор е првиот академски хор од ваков вид во светот. Основан е во 1968 година, и е составен од сегашни и поранешни студенти на Ховардскиот Универзитет, како и од пасионирани љубители на хорската музика. На нивниот репертоар се наоѓаат композиции од современата и од традиционалната американска госпел-музика, црковни химни, црнечка духовна музика (negro spirituals) и др. Во овие композиции најчесто се опфаќаат темите за Исус Христос и за христијанството. „Хауард госпел-хорот“ активно настапува во Соединетите Американски Држави, но и надвор од нивните граници.
OhridNews