Изминаа точно двесте години од раѓањето на големиот полски композитор Фредерик Шопен. Целиот свет ја празнува оваа значајна годишнина преку организирање на разни манифестации од културен и социјален карактер, од концерти до претстави. Кон прославата, со два настани, се приклучува и фестивалот Охридско лето. На 12ти август, со почеток во 21 часот во црквата св.Софија концерт во чест на Шопен ќе одржи врвниот египетски пијанист Рамзи Јаса.

“Од фестивалот сакавме да се приклучиме кон прославата на оваа голема годишнина, а Јаса инсистираше да свири целовечерна програма од Шопен. Мислам дека концертот што ќе го приреди ќе биде вистински празник, во секоја смисла на зборот.”, вели селекторката на музичкиот дел на фестивалот, Гордана Јосифова – Неделковска. Истиот ден, 12ти август, од 19 часот во предворјето на св.Софија, во соработка со амбасадата на Република Полска во Република Македонија ќе има проекција на филмот “Шопен: желба за љубов”, кој е безвременска приказна за нашата неспособност да се разбереме меѓусебе и нашата очајничка желба за љубов.

Инаку, Рамзи Јаса е победник на неколку меѓу народни натпревари. Настапувал во живо и на телевизија низ целиот свет, во сали како Бабрикан, салата на Берлинската филхармонија, Кенеди центарот, Ман аудиториумот, Музикферин, Пало, Тиволи, Театарот на Шанзелизе, Палатата на уметностите… Неговите настапи со оркестар го поврзуваат со диригенти како Владимир Ашкенази, Чарлс Гроувс, Јехуди Мењухин, Леонард Слаткин, Хорст Штајн. Рамзи Јаса е роден во Каиро, каде што почнал да учи пијано со неговата мајка. Дипломирал на конзерваториумот во Каиро и потоа се запишал на конзерваториумот „Чајковски“ во Москва. Во 1977 ја освојува првата награда на меѓународниот натпревар во Сантандер „Палома О’Шеа“, како и специјалната награда „Е. Казануева“. Неговите ЦД снимки вклучуваат меѓу другите дела од Чајковски, Прокофјев, Шопен и концертите за пијано на бетовен. Добитник е Франц Лист комеморативниот медал по повод 100 години од смртта на композиторот. Рамзи Јаса е канет да биде дел од жири на меѓународни натпревари во САД и Европа.  Тој исто така учествува како изведувач и оратор за настани организирани од УНЕСКО. Освен активностите како изведува, тој е исто така и професор по пијано на Ецоле Нормале де Мусиљуе “Алфред Цортот” во Париз, каде што живее од 1977 година. Рамзи Јаса е уметнички директор на Интернационалниот музички центар во палатата Манастерли во Каиро, функција која ја извршува во последните седум години. Во 2007 тој стана првиот Египетски музичар-изведувач на кој му беше доделена државната награда за заслуги.

OhridNews