“Тофиг Бахрамов“ е името на стадионот на најконтроверзната фудбалска личност во азербејџанскиот фудбал, а токму на тој објект Металург денес ќе го има европското крштевање против тимот на Карабах.

Тимот на Карабах е од градот Агдам, во централниот дел на Азербејџан, но европските натпревари ги игра на стадионот „Тофиг Бахрамов“ во престолнината Баку. Националниот стадион на Азербејџан го добил името по светски познатиот фудбалски судија Бахрамов, кој е единствениот фудбалски судија кој има свој споменик.


Харст позира пред споменикот на Бахрамов

Бахрамов е познат поради досега најспорниот момент од фудбалската историја – голот на Англичанецот Џеф Харст во финалето од СП 1966 година, кога Англија ја совлада Германија со 4-2. Помошниот судија кој го призна голот со кој Англија ја освои единствената светска титула досега беше Азербејџанецот (тогаш Русин), Тофиг Бахрамов.

При резултат 2-2, во 11. минута од продолжението, по ударот на Харст топката отскокна од пречката во поле, а Бахрамов му сугерираше на главниот судија Готфрид Динст од Швајцарија да покаже на центар, овозможувајќи им на Англичаните тогаш водство од 3-2, што се покажа клучно за победата од 4-2. По ова, тој стана херој на Англија, но најомразена личност кај Германците. Да биде трагедијата уште поголема, стадионот кој денес го носи неговото име, го градеше германска фирма.

Во 2006 година кога Англија играше против Азербејџан, на церемонијата пред мечот одржана во негова чест, беа присутни Џеф Харст, Мишел Платини и Сеп Блатер. На церемонијата на стадионот неговиот син Бахрам Бахрамов изјави дека луѓе како неговиот татко се раѓале еднаш на сто години.

Неодамна беше откриено дека дури на смртната постела Бахрамов запрашан зошто го признал голот на Англија – изговорил „Сталинград“, алудирајќи на опсадата на Германците на тој руски град во текот на Втората светска војна.

М.Постоловски