Ако некој пишува колумна , културно е така и да се возврати- пишува во контра реакцијата на Дејан Пановски од билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро упатена до општинската администрација. Во реакцијата уште се вели:

„Имено, не можев да претпоставам дека една тотално неполитичка и непартиска изјава за разгледување на концепти за иднината на Охрид толку многу ќе ја потресе локалната власт за така хаотично и панично да излезе со безмалку патетична колумна која не доликува на охридска влада! Што ли толку го предизвика потресот тие си знаат?! Во секој случај им благодарам за вниманието..

Но, не можев да претпоставам дека во локалната власт на гордиот ни Охрид има толку ослабнат демократски капацитет па да не може да се прифати една обична размисла за размена на концепти, една полемика во која слободно може да се убедиме дека едниот концепт е подобар од другиот! Веројатно навикнатоста на некритицизмот ги ослабна тие капацитети. Време е да се навикнуваат.

А, не сакав  ни да поверувам (иако знаев) дека во Охрид има на највисокото ниво толку ниско ниво на комуникација. Охрид не знае да говори низ јазикот на пизмата. Срам е тоа за градот и Охрид сигурен сум никогаш повеќе нема да се идентификува со вакво ниво. Навредите не ме засегаат и нема да возвратам со такво ниско ниво затоа што тоа не е мој стил и затоа што пред се  во прашање е гордоста на Охрид. На тие  навреди , одговор ќе бидат само  нови и нови идеи и  визии за подобар Охрид. И не заради политички цели , кои патем не ми се агенда, туку заради воскресение на градот кој безмилосно се деградира. И пред се затоа што зелените идеи се барем чесни и се за јавното добро.

Идеите впрочем немаат врска ни со славните ДУП-ови туку се раѓаат заради безидејноста  и  патетиката која ги создава локалната. И не се првпат кажани и промовирани но не знам зошто токму сега толку заболеа. Тоа се исти како и мојата  идеја, поддршка и реализација за Билатерален договор за заштита на езерото, за заеднички Комитет, идејата за закон за безфосфатни детергенти за да се заштити езерото, идејата за пошумување на сливот на Сатеска, за туристичка патека во Нац. Парк Галичица, за реновирање на Старо Светиклиментовото училиште, за обезбедување неколкукратно средства за порибување на езерото, за реконструкција на водовод во Лакочереј , за подобрување на водоснабдување на Вапила (проектот  во тек) . И на крај, обезбедените, исто на мое залагање, од централната за локалната власт еден милион денари за отпочнување на санација на Грашница, која локалната треба да го сработи. И сето ова без највисока политичка функција за одлучување  и само со славниот деноноќен ангажман на кој толку се полага.. Ете тоа се моите идеи, и сите се ефектуирани. Веројатно не се можеби големи како ултра модерната автобуска станица , супер-жичарницата, завршените колектори, нечепнатиот зелен појас, белите духови на градот, педесетте прекрасни фонтани …..ама се барем ефектуирани, не се лага.

И за крај, радосен сум затоа што темата за разликата на бетонскиот и зелениот концепт успеа и  несакајќи или незнаејќи некој ја разви. Тоа е веќе добра основа за јавна дебата која стручно ќе ја подготвиме и на која ќе се има прилика да се исмејуваат или зелениот концепт или пак погребувањето на Охрид под бетонски споменици. Повторувам, крајно време е да ги споредиме концептите за Охрид затоа што градот е пред колапс. Урбанизацијата веќе негативно притиска  врз езерото, бетонските празни згради ќе ја убијат добивката на приватните регистрирани издавачи на соби и хотелиерите и ќе го стопираат  развојот на туризмот . Благодариме на таквиот реален концепт. Затоа нека не  претставува фрустрација тоа што некој има и поинакви и можеби подобри идеи. Набрзо ќе стигнат и новите идеи . Затоа што, гледате , овие идеи успеваат. И ќе донесат реален развој и за градот и добит и за приватниот сектор и за јавното добро, колку и да изгледа некому чудно. Но, идеите нема да застанат  затоа што некој нема капацитет да ги разбере , задлабочен во сопствениот којзнае каков филм и ментален склоп. Тоа е она што го кочи Охрид а не поединци или централната власт. Тоа се отслика и во реакцијата каде и кутрите пишувачи имаа проблем да ги набројат резултатите ….. тротоари , улици и ….и ……и тука застанаа идеите и визијата. Затоа, седнете , полемизирајте , научете и сфатете …..Ова е Охрид.  А на Охрид му е доста од  самопромовирана и  лажна успешност“, стои во реакцијата на Пановски.