Заштитата на подрачјата кои поседуваат природни реткости и вредности има голем придонес за социо-економскиот развој во земјата истакна заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска, која вчера учествуваше на националната консултативна средба за нацрт стратешката рамка подготвена од страна на Фондот за природа „Преспа – Охрид“ (ПОНТ), со цел проширување на неговото делување во Охридскиот регион.

Настанот за проширувањето на делувањето на ПОНТ во Охридскиот регион преставува можност сите засегнати страни, вклучувајќи ги државните органи и општините Струга, Охрид, Вевчани и Дебрца, сите релевантни граѓански организации кои спроведуваат активности во поширокиот Охридски регион и други заинтересирани страни да дискутираат и дадат свои забелешки и коментари по однос на нацрт стратешката рамка – истакна заменик министерката Оџаклиеска во своето воведно обраќање.

На настанот беа презентирани приоритетните акции на нацрт -стратешката рамка на поширокото охридско подрачје, беа споделени искуствата од поддршката на PONT за преспанскиот регион и ПОНТ беше претставен како нетрадиционален механизам за финансиска поддршка за заштита на биолошката разновидност.

Со проширувањето на делувањето на ПОНТ во поширокиот Охридски регион ќе се постигне прогрес во однос на заштитата и управувањето со заштитените подрачја. Особено е важна поддршката на субјектите за управуваање со заштитените подрачја во нашата држава, кои денес зафаќаат површина од околу 13.47 % од националната територија, додаде Оџаклиеска.

Соработката помеѓу МЖСПП и ПОНТ започна во 2018 година со потпишување на Рамковен договор помеѓу Фондот за природа Преспа-Охрид (ПОНТ) и Министерството за животна средина и просторно планирање. Успешната соработка со ПОНТ резултираше со финансиска помош на ПОНТ во валоризација на природното наследство и изработка на планови за управуваање со заштитени подрачја, како што се случаите со НП Пелистер, НП Галичица, Споменик на природа (СП)-Вевчански Извори и СП Преспанско Езеро.

OhridNews