Во текот на изминатиот период активно се работеше на конструкција на склад и централна хранилка за потребите на функционирањето на репродуктивниот центар за европски елен при НП Галичица кој се наоѓа на локалитетот „Косто бачило“ , информираат од Националниот парк.
Оваа година дополнително во склоп на центарот направивме простор за сместување на храна, бидејќи редовно вршиме прихрана на европските елени кои се во рамките на репродуктивниот центар. Објектот за чување на храна, всушност доминантно е за кабаста храна и еден помал дел за зрнеста храна. Објектот е во рамките на репродуктивниот центар за да ги намалиме трошоците за транспорт на храна, вели Андон Бојаџи, раководител на одделението за заштита на природата од НП „Галичица“.
Репродуктивниот центар беше оформен во 2018 година со цел да се изврши реинтродукција на европскиот елен во НП Галичица за да се обезбеди активно управување со секундарните живеалишта и високопланинските пасишта во националниот парк со помош на дива фауна, додава Бојаџи.
Во 2019 година во центарот донесовме 30 единки од кои 24 женки и 6 мажјаци. Во следните две години добивавме принова од елените, и сега стадотото кое е во репродуктивниот центар брои 60 единки. Почнувајќи од следната 2022 година ќе почнеме да пуштаме одреден број на единки во природа, надвор од репродуктивниот центар, додава Бојаџи потенцирајќи дека редовно се одржува инфраструктурата на репродуктивниот центар.
Со пуштањето на елените во природа, покрај остварувањето на примарната цел за реинтродукција на европскиот елен, од НП Галичица очекуваат дека генерално ќе се зголеми атрактивноста на НП Галичица за посетителите.
К.А.