Со 15 гласа ЗА од вкупно присутни 23 советници, на денешната вонредна седница, за вршител должност градоначалник на општина Охрид е избран координаторот на советничката група на СДСМ, Константин Георгиевски. Тој на функцијата ќе го замени проф. д-р Јован Стојаноски кој ненадејно почина на 15 декември на 48 годишна возраст.

Георгиевски беше предложен од страна на советникот Ристо Булоски.

Тежок е овој момент за мене и сите нас, да сме овде и да го дадеме овој предлог кој е наша законска обврска. За вршител должност градоначалник на општина Охрид го предлагам колегата советник д-р Константин Георгиевски. За овој предлог се водев од тоа што тој и претходно беше именуван за заменик градоначалник од страна на прерано починатиот градоначалник проф. д-р Јован Стојаноски. Почитувајќи ја неговата волја сметам дека и ние советниците треба да го поддржиме овој предлог за непречено функционирање на локалната самоуправа. Се надевам дека предлогот ќе биде прифатен од страна на сите советници, рече Булоски.

Константин Георгиевски ќе ја извршува функцијата в.д. градоначалник до изборот на нов градоначалник на предвремени избори, што ќе се одржат оваа пролет, најверојатно заедно со претседателските.

  • Не сум ни најмалку среќен, ниту задоволен што денес, на ваков начин и под вакви околности сум избран да ја вршам оваа функција. Од денес мојата обврска кон човекот кој прв ја вложи довербата во мене е уште поголема, а со тоа што и вие ја вложивте вашата доверба како советници, таа обврска станува мое животно мото во месеците кои следат. Ветувам дека ќе се вложам целосно и посветено и ќе дадам се од себе да ја исполнам таа обврска и вашата доверба. Искрено се надевам дека ќе ми помогнете со вашата поддршка, со совет и со критика кога ќе е потребно, заедно да продолжиме по патот кој ни го трасира нашиот градоначалник, да ги оствариме неговите соништа, да ги реализираме проектите за кои тој живееше и да го одржиме ветениот збор даден пред граѓаните на Охрид, рече во своето обраќање Георгиевски.

Вршителот на должност градоначалник се избира по принципот на избор на претседател на советот, односно советниците гласаат по предлог даден од членови на советот. Предлогот е усвоен доколку за него гласааат мнозинството од советниците.

OhridNews