Јужноамериканската фудбалска федерација (КОНМЕБОЛ) одобри натпреварот од Копа Либертадорес меѓу боливискиот клуб Олвејс Реди и перуански Спортинг Кристал да се одигра на 20 февруари на фудбалскиот стадион во боливискиот град Ел Алто на надморска височина од 4.083 метри.

Претставници на КОНМЕБОЛ во понеделникот го посетиле стадионот „Виља Ингенио“ отворен во 2017 година со капацитет од 25.000 седишта, пред да дадат зелено светло за одигрување на натпреварот од второто коло во Копа Либертадорес, јужноамериканскиот еквивалент на европската Лига на шампиони.

Ова е историски ден за градот Ел Алто, изјави претседателот на боливискиот клуб Олвејс Реди, Андрес Коста, на прес – конференција одржана на највисокиот стадион во Боливија.

Основан во 1933 година, клубот Олвејс Реди се врати во боливиската прва лига во 2019 година, прв пат по пауза од 28 години, а четврти пат во својата историја настапува во Копа Либертадорес.

ФИФА во 2007 година забрани одигрување меѓународни натпревари на надморска височина над 2.500 метри за да го заштити здравјето на фудбалери, но една година подоцна ја укина одлуката.

Стадионот во боливискиот град Ел Алто е втор највисок во Јужна Америка, по „Даниел Алсидес Карион“ во градот Серо де Паска во централниот дел на Перу, кој е изграден на надморска височина од 4.378 метри.

OhridNews