Учениците од трета и четврта година, кои учат во охридската гимназија „Свети Климент Охридски“ да ја продолжат наставата по скратени часови од по 30 минути, а останатите 15 минути од регуларното траење на часовите да ја бојкотираат наставата. Ова е конкретниот предлог кој бил изнесен на вчерашната средба помеѓу раководството на училиштето, претседателите на класните заедници од трета и од четврта година и тројца родители од Училишниот одбор.

-Овој предлог беше прифатлив и за учениците и за родителите, а во текот на денешниот ден правната служба на училиштето ќе треба да провери дали ваквиот делумен бојкот на наставата ќе може да се изведе, односно дали ќе биде формално-правнo и законски прифатливо односно дали ќе може да се заведат како одржани часовите во времетраење од 30 минути, не информираше во телефонски раговор Рајко Домазетоски, член на Советот на родители и член на Училишен одбор при охридската гимназија.

Тој објасни дека овој предлог од страна на учениците бил изнесен и на поединечните родителски средби кои биле одржани вчеравечер во училиштето.

Раководството на гимназијата во неколку наврати до сега апелираше до учениците да се вратат на настава и укажуваше на негативните последици кои ќе треба да ги сносат учениците.

-Губењето на часови и нереализираниот фонд и програма оди на штета на учениците. Според законот изгубените часови мора да се надоместат. Сега се соочуваме и со недостиг од време затоа што се ближи крајот на учебната година, поради нереализираната програма нема да може да се одработи четвртата писмена работа, а со тоа не може да се стави и годишната оценка. Без реализирана програма не може да се полага и матурата и да се направат потребните подготовки околу изборните предмети, изјави меѓудругото недодамна за OhridNews директорот на гимназијата Звонко Трпески.

Инаку пред околу три недели, во гимназијата беше одржан состанок помеѓу претседателите на класови, советот на родители, класните раководители на која се дискутираше за настаната ситуација. Целта на состанокот беше да се изнајде соодветен начин за да продолжи наставата, но тогаш не се изнајде соодветно решение.

Незадоволството од реформите во средното образование охридските гимназијалци до сега го изразуваа со алтернативни часови и мирни протести по улиците.

OhridNews