Државата одзема имот стекнат на нелегален начин во вредност од околу 20 милиони евра, javuva „Макфакс“.

Одземени се повеќе станови, деловни објекти, хартии од вредност и акции во неколку банки низ државава. Оваа акција државата ја презема бидејќи осудените, иако по закон и правосилна пресуда, не го вратиле нелегално стекнатиот имот.

За ова информираше министерот за правда Михајло Маневски и појасни дека имотот е одземен од осуденици со правосилна пресуда.

Повеќето од нив се осудени за кривично дело перење на пари и злоупотреба на службена должност.

На списокот на осуденици на кои им е одземен имотот е Драган Даравелски и Кирил Доцевски, Миодраг Марковиќ , Живко Ефтимовски, Борко Марковиќ, Љимани Зуријет, сите сопственици на познати фирми.

Вила на водно, куќа во Охрид и друг деловен простор, акции во повеќе фирми низ Македонија во вредност од 9 милиони евра се одземени од Миодраг Марковиќ.

Имот е одземен и од учесниците во случајот „Бачило“ во кој беа осудени 21 лице ,како и  осуденици од предметот „Славија“.

Од првоосудениот во случајот „Бачило“, нотарот Никола Стојменовиќ одземени се четири милиони евра.

Новина во законот за конфискација на имот е тоа што нема да  се одзема само личен имот туку и имот кој е нелегално стекнат и подарен на трето лице, доколку се докаже дека  лицето знаело дека станува збор за таков имот.

„Се лажат оние кои мислат дека ако го префрлат имотот на трети лица, ќе се спасат од тоа имотот да не им биде одземен.“, рече Маневски.

OhridNews
извор: „Макфакс“