Институтот за филм – Филмска академија Охрид (ФИОФА) од 18 до 20 октомври беше организатор и домаќин на научна конференција на тема “Филмот и Духовноста”.
На оваа конференција четиринаесетте учесници меѓу кои доктори на науки, професори и истражувачи од ФАМУ, ФИОФА, Словачката Академија за наука (Братислава), Универзитетот на Константин Филозоф (Нитра), Универзитетот Масарикс (Брно), Универзитетот Паласки (Оломоуц), Универзитетот Комениус (Братислава), Академијата за сценски уметности (Братислава), Карловиот универзитет (Прага) и Универзитетот на Томаш Бата (Злин) учествуваа со свои научни трудови и дискутираа за филмот и духовноста. Нивните трудови ќе бидат објавени во Зборникот што ќе го издаде ФИОФА по повод оваа конференција.
Со организацијата на конференцијата ФИОФА стана дел од синџирот на филмски конференции, кои традиционално се одржуваат уште од 1997 година. Организатори на првата конференција се Словачкиот филмски институт и Асоцијацијата на филмски друштва, а основачите Пeтер Дубецки, директор на словачкиот филмски институт, Мартин Kaнух, истражувач и главен уредник на списанието за филм Кино / Икон и проф. Петер Михалович учествуваа на конференцијата во Охрид.
Гостин на конференцијата беше и чешкиот филмски режисер Јиржи Свобода, чии два филма Seclusion Berhof Decline и Jan Hus беа прикажани пред студентите на ФИОФА кои по проекциите имаа можност да разговараат со режисерот на темата духовноста и филмот.
На овој начин ФИОФА ја продолжува соработката со Филмската академија од Прага (ФАМУ) и истовремено воспоставува нови контакти со други чешки и словачки универзитети и филмски институции.
Учесниците на конференцијата имаа можност да го разгледаат Охрид и да уживаат во убавините на Свети Наум.
OhridNews