Македонија наскоро ќе го преземе претседавањето со Генералното собрание на Обединетите нации-ОН.
“Пред седницата за избор на претседател на Генералното Собрание на ОН, имаме мошне добра атмосфера за Македонија, за нејзината дипломатија и надворешна политика и за интересите на земјата бидејќи подршката што ја чувствуваме од земјите од источно-европската група е потврда дека сме направиле вистински потег што сме се кандидирале за претседавач на ОН што се смета за едно од најзначајните достигнувања на македонската насдворешна политика и афирмација на Македонија во светот“.
Ова денеска во Охрид го изјави д-р Срѓан Керим, кој на 24 мај ќе биде избран за претседавач со Генералното собрание на ОН, со мандат од една година, на конференцијата посветена на реформите во ОН, постигнувањата и предизвиците.
Во дводневната работа учествуваат над 60 амбасадори на земјите членки на источноевропската изборна група при ОН, претставници на Министерството за надворешни работи, високи функционери на ОН и меѓународни експерти.
Според Керим, клучни прашања за кои ќе се расправа на 62 сесија на Генералното собрание која ќе бидат борбата против глобалниот тероризам и климатските промени и зголемувањето на ефиксноста во работењето на ОН. Што се однесува до реформите во ОН, Керим истакна дека тие не треба да бидат насочени кон технички измени туку кон суштинските проблеми како што се порационалното работење и поголема транспарентност на светската асанблеа.
Според министерот за надворешни работи Антонио Милошоски претседавањето на Македонија со Генералното собрание на ОН, е уште една шанса за промоција на земјата пред факторите кои се вклучени во одлучувањето на ОН.
Претседавањето на Македонија со Генералното собрание на ОН, не е поврзано со било какви билатерални прашања, но за македонската дипломатија има огромно значење затоа што ќе значи водечко присуство во центарот на светската дипломатија, рече Милошоски.
Милошоски рече дека Македонија е максимално подготвена за таквиот предизвик и има добар тим кој е составен од врвни дипломати и секунданти од Франција, Германија, Велика Британија, Мексико, Естонија и други земји членки на ОН.
Г. Момироски
фото: С. Костоски