Учиме од минатото, дејствуваме во сегашноста, се подготвуваме за иднината, порачаа премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими во воведните обраќања со кои и официјално ја отворија Првата годишна конференција „Економско заздравување и раст по КОВИД 19“ во рамки на Економскиот и финансиски форум. Заев и Бесими истакнаа дека националната економија е стабилна. Очекуваат раст од 4,1 отсто за оваа година и просечен годишен раст од 5,4 проценти во следните пет години.
Премиерот и министерот потенцираа дека е подготвен План за финансиско заздравување и забрзување на растот како комплементарен документ на Интервентниот план за инвестиции 2021-2027. Владата, рекоа, останува посветена на подигнување на стандардот и условите за живот во земјава, а заложбите за креирање предвидлив деловен амбиент преку воспоставување механизми за владеење на правото, стабилни економски политики и создавање поволни услови за инвестирање се веќе потврдени.
После една година, според денешните официјални статистички податоци можеме да кажеме дека кризата и официјално одминува и економијата заздравува, што е потврда и на нашите анализи дека економијата е стабилна и ќе растe. Во вториот квартал од годинава согласно статистика регистриран е позитивен раст на бруто домашниот производ во износ од 13,1 процент. За годинава проектираме раст од 4,1 отсто, со очекувања извозот да забележи раст од 10,6 отсто, бруто-инвестициите раст од 8 отсто, рече Заев.
Владата, додаде, креира поволен деловен амбиент и еднакви услови како за домашните така и за странските инвеститори.
Националната економија е стабилна и ќе расте. Горд сум што Северна Македонија постигна договор со Грција и што денес сме членки на НАТО, што значи сигурност и безбедност за нашата земја, како и за сегашните и идните инвеститори. Нашата земја, ги исполни и сите услови за почеток на преговорите по поглавја за членство во ЕУ што е безусловно потврдено од Европската комисија, како и од огромното мнозинство на земјите членки. Новите инвестиции и резултатите се потврда за економската активност во технолошко-индустриските развојни зони која е во постојан раст. Бројот на работни места во ТИРЗ е зголемен за осум отсто за една година, споредено јули 2021 во однос на истиот месец 2020 година, истакна премиерот.
Според него, извозот во првите седум месеци од годинава во зоните достигна 1,7 милијарди што е за 56 отсто повеќе во однос на истиот период лани, односно над девет проценти во однос на 2019 и речиси 30 отсто повеќе од 2018 година. Стапката на вработеност, пак, од крајот на 2020 година наваму повторно почнува да расте со темпо како и пред пандемијата, со раст од 1,5 отсто во последните три квартали. Невработеноста е на ниво од 15,9 проценти што е историски најниско ниво во поновата македонска историја, истата е намалена за 4,8 отсто споредено со истиот период лани. Дополнително, согласно официјалните статистички податоци, просечната нето-плата во државата континуирано расте и истата по вработен, во јуни 2021 година, изнесува 28.744 денари.
Министерот Бесими истакна дека минатата година се соочивме со најголем пад на БДП во последните три децении.
Евидентиравме пад на БДП од 4,5 отсто во 2020 година и според нашите проценки, со фискален стимул од околу 11 проценти успеавме да го ублажиме за околу 4,2 процентни поена, инаку економскиот пад би бил -8,7 отсто. Беа разгледани мерки за здравствениот сектор, ранливите граѓани, заштитата на работните места и помагањето на бизнисите да ја преживеат кризата, рече Бесими.
Се дејствуваше, напомена министерот, на двете страни – и на страната на побарувачката и на страната на понудата на економијата.
Во 2021 година продолживме со два дополнителни пакета со повеќе насочени мерки и додавање развојна компонента, вклучувајќи ги компаниите кои работат добро и го зголемуваат бројот на вработени и инвестираат. Нашиот одговор беше „Што и да е потребно“ политика за борба против КОВИД, заштита на животите на луѓето и спасување на економијата. Ова дојде со голема сметка во однос на буџетско салдо и јавниот долг, рече Бесими.
Според Бесими, фокусот е ставен на фискална консолидација на среден рок преку намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и нивно доведување во рамките на фискалните правила од три и 60 птоценти како дел од БДП. Согласно оваа амбиција, проектираме раст од 4,1 отсто за оваа година и просечен годишен раст од 5,4 проценти во следните пет години. Исто така, за да се осигураме дека ова нема да остане само желба, подготвивме план за финансиско заздравување и забрзување на растот. Планот има за цел да го финансира заздравувањето на економијата погодена од КОВИД-19 и да го поддржи забрзаниот и одржлив раст, додека ја одржува фискалната стабилност преку мобилизирање капитал од приватниот сектор, дополнување на средствата од буџетот и позајмиците, рече Бесими.
Тој подвлече и дека е многу важно земјава да се насочи не само кон политиките што ќе дадат силен поттик за закрепнување и забрзување на растот, туку и на отпорноста во контекст на новите предизвици.
За економското заздравување и растот по КОВИД-кризата на Првата годишна конференција што ја организира Министерството за финансии, ќе се споделат искуства и ќе се разменат идеи за глобалните и регионалните перспективи за постпандемиското економско закрепнување.
OhridNews