БИРН Македонија, од 18 до 21 октомври, во Охрид ќе ги собере претставниците на медиумите, организациите, експертите за рекламирање и стартапите за да разменат искуства за најдобри пракси, да развијат соработка и да понудат одговори на прашањето што ја мачи медиумската индустрија во светот веќе една деценија – како да се постигне одржливост.

Дали постои единствен модел за успех во медиумите? Кои се бизнис-примерите што се покажале успешни, а кои пропаднале? Што можеме да научиме од алгоритмите и од агрегацијата на вестите? Како можат медиумите да ја подобрат својата содржина со различни платформи и да привлечат нова публика? – се дел од прашањата за кои ќе се разговара на конференцијата.

Во изминатите години имаше експлозија на онлајн-медиуми на Балканот, а нови сајтови се појавуваат секој ден. Во исто време, како што социјалните мрежи го преземаат приматот, се чини дека професионалните медиуми ја губат битката да ја привлечат публиката.

Како резултат на тоа, поголемиот дел од квалитетната медиумска содржина се губи во бучавата креирана од таблоидите, пропагандата, лажните вести и копи-пејст содржините, а публиката се храни со неквалитет и со пропаганда, што предизвикува намалување на довербата во медиумите, на критичкото мислење и недостиг од јавен притисок за транспарентност и отчетност на институциите.

Генерално, дигиталните медиуми на Балканот слабо се снајдоа со новите предизвици во ерата на поствистината и се држеа до традиционалните алатки наместо да внесат иновации, што се покажа како плодна почва за засилување на ехото од дезинформации.

Настанот, подржан од Кралството Холандија, вклучува панели, студии на случај и работилници распоредени во два и пол дена кои на учесниците ќе им дадат можност да слушнат добро познати и искусни медиумски експерти, но и бизнис-претставници и претставници на стартапи, кои ќе дискутираат за важноста и за предизвиците за медиумите во хиперкомпетитивната ера.

Тие ќе споделат совети и препораки за силните страни и слабостите на различните бизнис-модели за медиумите. Кои се предностите на претплатничкиот модел наспроти членството? Што сакаат рекламерите и како тие ја идентификуваат својата публика? Кои се шансите на медиумите во регионот?

Медиумските професионалци ќе претстават иновативни начини за да ја подобрат медиумската содржина и да ја привлечат публиката со успешни проекти.

OhridNews