– Првиот чекор од иницијативата за возобновување на театарот го направиме со тоа што овозможивме да се организираат тетарски претстави за учениците низ повеќе охридски училишта. Со ова сакавме да покажеме дека професионален театар му треба на Охрид и дека постојат можности за негово функционирање. Врз основа на тоа изготвивме план и програма за финансирање на театарот, во соработка со градоначалникот на Општина Охрид и локалната самоуправа. Првата финансиска подршка од таму е веќе добиена односно во општинскиот буџет за 2010 година, кој е наменет за култура, се издвоени средства токму за оваа намена. Значи театарот за почеток ќе функционира со помош на локалната самоуправа и охридскиот Центар за култура, па понатака се надеваме на поддршка и од страна на Министерството за култура.-вели Борис Тодороски, претседател на Лајонс клуб Лихнидос од Охрид.
Познавачите на театарската уметност од Охрид велат дека до сега имало неколку вакви иницијативи за повторно отворање на Професионален театар, но до сега ниту една не се покажала како успешна.
– Сметам дека последната иницијатива на Лајонс клубот Лихнидос е единствено вистински зрела за да може да се реализира професионалниот театар на здрави темели. Претставата Граница од Венко Андоновски во режија на Софија Ристеска се надевам дека ќе биде стартот на репертоарот кон формирањето на професионален театар. –рече актерот и режисер Горан Стојаноски.
Тој вели дека ја поздравува поддршката на Општина Охрид, која оваа година издвоила средства за оваа намена, но вели дека за актерите, како иницијатори и како реализатори најважно од се е да се потпише договор со Општина Охрид за да се знае колкави се финансиските средства кои се на располагање за реализација на претставите.
-За да еден професионален театар функционира професионално во вистинската смисла на зборот, потребни се четири основни компоненти: актери, простор, опрема и пари. Почетните финансиски средства ќе ги обезбеди општината, а просторот и опремата ќе ни ги обезебеди охридскиот Центар за култура, кој исто така ја поддржува оваа иницијатива. Но за да иницијатива биде успешна потребно е да се круниса со квалитетен репертоар на претстави, кој треба да се скрои во наредните два месеци.-рече Стојаноски, нагласувајќи дека очекува оваа иницијатива за возобновување на театарот да биде многу успешна.
Од охридската локална самоуправа велат дека Охрид, кој се смета за град на културата во Република Македонија мора да има Професионален театар. Според нив не е во ред Охрид културно да живее само за време на фестивалот „Охридско лето“, а во останатиот дел на годината да е во културна хибернација.
-Оваа година локалната самоуправа сериозно ја разбра пораката на советниците од мнозинството на Советот на Општина Охрид, односно на моја иницијатива она што значеше скратен буџет за култура од околу 900 илјади денари успеавме, со пренамена на средства да го подигнеме на над 1 милион денари кои се наменети за изведување на театарски претстави од Охридскиот театар како и за гостување на театри од други градови. Ние сме свесни дека ова не се многу средства но се доволни за почеток, односно за заживување на театарот во Охрид.-рече Томислав Тунтев, советник во Општина Охрид.
Тој нагласи дека кога Општина Охрид ќе влезе во втора фаза на децентрализација, ќе има поголеми ингеренции во областа на културата, а тоа значи дека ќе може да издвои и поголеми средства за културни проекти.
фото: Емилио