По тридневно пролонгирање најпрвин поради силниот ветер , а потоа поради густата магла конечно започана СП во Алпско скијање. Организаторот во Оре на денешната програма ги имаше супервелеслаломските трки. Првите носители на златните медали се италијанецот Патрик Стаудахер и швеѓанката Ања Персон.

По две одложувања машката супервелеслаломска трка даде сензационален победник во името на италијанецот Патрик Стаудахер кој на своето деби на Светските првенства со стартниот  број 12 го освои златниот медал.


Патрик Стаудахер (ITA)

Победничкото време на Стаудахер е 1 минута 14 секунди и 30 стотинки, второто место и сребрениот медал со задоцнување од 32 стотинки му припадна на Австриецот, Фриц Штробл, додека Швајцарскиот ветеран Бруно Кернен на третото место заостана 62 стотинки. Најголемото разочарување на денешниот супервелеслалом на публиката и го приреди бранителот на златниот медал од претходниот мундијал Боде Милер кој го освои скромното 24 место со задоцнување од 1 секунда и 34 стотинки зад Стаудахер.


Ања Персон (SVE)

Кај дамите супервелеслаломот на огромна радост на домашната публика и припадна на Ања Персон која со време од 1 минута 18 секунди и 85 стотинки успеа да го одбрани златниот медал во оваа дисциплина. За Персон која во последно време се мачи со повреденото колено ова е вкупно седми медал од СП. Второто место и сребрениот медал и припадна на Американката Линдзи Килдоу која зад Персон заостана 32 стотинки додека Австријската ветеранка Ренате Гечел мина трета низ целта со 53 стотинки послабо време од победничката Персон.