Откако охридските плажи се преплавија со смет, а реакциите на граѓаните и туристите зачестија, локалната самоуправа реши да го прекине инаетењето со централната власт и започна со чистење на плажите со кои стопанисува државата.
ЈП „Охридски Комуналец“ започна со уредување на слободните плажи на потегот од Билјанини извори до Горица, како и кај Славија, а според најавите ќе бидат опфатени и другите плажи каде нема концесионери. „Иако не наидовме на разбирање од Министерствата за транспорт и за животна средина со кои во минатото склучувавме договор за чистење на плажите за одредена надохнада, од неодамна ние започнавме со третирање на плажите за кои локалната самоуправа нема никакви ингеренции“, вели в.д. директорот на ЈП „Охридски Комуналец“ Боро Павлоски.
од денеска контејнери на слободните плажи
Тој објаснува дека проблемот поради кој сметот не се подигал од слободните плажи бил во тоа што јп-је немало склучено договор со некое од надлежните мионистерства, бидејќи Министерството за транспорт одговорноста ја префрлало на Министерството за животна средина, а тоа пак не одговорило на писменото барање на „Комуналец“ испратено во април.
Во Комуналец велат дека со месеци не добиле одговор на барањата од надлежните министерства
Последица на лошата комуникација беше грдата слика на плажите во туристичкиот шпиц. Дел од нив комплетно се исчистени, поставени се и контејнери, но останува впечатокот дека сето тоа е задоцнето бидејќи без оглед кој е одговорен Охрид испрати лоша порака до туристите. „Мислам дека ова не требаше да се случи, но се случи и ќе преземеме се што треба да се поправи состојбата“, рече Павлоски.
Павлоски посочи дека и покрај сите заложби „Комуналец“ има сериозни проблеми и со подигање на сметот во туристичката населба Пештани, поради што побара интервенција од Комуналната инспекција.
Државата е виновна за лошата состојба на плажите-Павлоски и Танасоски
Раководителот на инпекциските служби, Танас Танасоски пак смета дека општината и јавното комунално претпријатие неоправдано се обвинуваат за лошата состојба на плажите. „Подигањето на сметот од Свети Наум до депонијата Буково чини многу пари, а надлежните министерства и покрај сите обиди не се одзваа на повикот на општината да се најде речение за проблемот“, вели Танасоски.
И додека надлежните институции се обидуваат да докажат кој е виновен за неподигањето на сметот од плажите, се дозволи во екот на туристичката сезона крајбрежјето повеќе да личи на депонија отколку на среден простор на кој треба да уживаат туристите. Тие и ова лето од Охрид ќе се си заминат со непријатно искуство што пак сигурно нема добро да влијае на имиџот на градот.
Г. Момироски