77 волонтери од охридската Општа болница, денес, ги потпишаа договорите за работен однос на неопределено работно време, што следи по носењето на Законот за трансформација во редовен работен однос во јавното здравство кој се изгласа во февруари годинава.
На првата група од дваесеттина, досегашни волонтери во болницата, договорите им важат од денес. Додека пак договорите од втората група ќе важат од декември годинава, односно септември месец 2016 за третата група.
– Неправдата која со години се влечеше дојде до крај. Овие луѓе повеќе нема да земаат по 4500 денари, туку ќе земаат плата како и останатите вработени во болницата. Се надевам дека по вработувањето ќе се зголеми и мотивот и желбата за работа така да во оваа ситуација сите добиваме, изјави директорот на болницата, д- р Љубен Арнаудов.
Досегашните волонтери изразија голема благодарност до директорот Арнаудов, како и до надлежните министерства и владата. Меѓу лицата на кои денес им се реши работниот статус има и лица кои во болницата волонтирале и по 16 години.
– Многу ни значи добивањето на решенијата. Благодарност до владата што реши еден многу голем проблем со волонтерите и што се реши нашето животно прашање, вели Драган Тасески, досегашен волонтер во болницата.
Како што информира министерот за здравство, Никола Тодоров по донесувањето на Законот за трансформација во редовен работен однос, во јавното здравство на неопределено време ќе бидат вработени околу две илјади лица, медицински и помошен односно административен персонал, кои претходно волонтирале во јавните здравствени установи во земјава.
Т. К.