Во зградата на германскиот Бундестаг на еден автомат покрај цигарите, од сега можат да купат и кондоми, пишуваат германските електронски медиуми. Себастијан Едати, пратеник од опозиционата социјалдемократска партија, не верува во успехот на продажбата на кондомите во Бундестагот, бидејќи, според него, заинтересираните колеги имале време контрацепциските средства да ги набават во аптеките или супер маркетите.
Зградата на германскиот Бундестаг е всушност мал свет за себе, со повеќе од 620 пратеници, околу 2600 луѓе во управата и дури 20 илјади дозволи за влез издадени на новинарите, лобистите, занаетчиите и слично. Портпаролот на фирмата ”Tobakoland”, која го поставила автоматот и има 100 илјади исти такви низ земјата, изјавил дека предлогот за продажбата на кондоми во Бундестагот стигнал рутински од нивниот компјутер, кој автоматски ги бира најдобрите места за продажба на истите.