Иако во толку нешта се добри и позитивни, понекогаш знаат да бидат премали, преголеми, неудобни и лепливи. Станува збор за кондомите. Се она што досега го знаевме и мислевме дека го знаеме за кондомите наскоро би можело да се промени. Експертите се на траг на развој на нов материјал за изработка на овој корисен изум, кој освен што помага во спречување несакани бремености, и штити од се повеќе распространетите полови заболувања.

Експертите од австралискиот универзитет Волонгонг претставиле нова генерација кондоми и ги нарекле кондоми на иднината. Доктор Роберт Горкин, водечкиот експерт на овој проект, вели дека целта е латексот да се замени со нови материјали, кои пред се би пружиле поголемо уживање но и заштита. Кондомите на иднината ќе бидат изработени од помек материјал, сличен на кожата. Доктор Сина Нафиси објаснила дека главниот состав на новите материјали се вода, сол и полимерни врски поради кои е влажен и мек, но и исклучително издржлив.