Богата програма за годинашното издание на „ Бела ноќ“ на 14 јули, со што ќе се одбележи официјалниот старт на главната туристичка сезона во Охрид.

Програмата ќе започне во 18:00 часот со настап на DJ Gec и уште неколку локални Дџ-и, по што во 21:00 часот ќе има поздравен говор од страна на Градоначалникот Јован Стојаноски на Градскиот плоштад. Ќе следува уште еден блок музика, по што околу 21:30 часот ќе започне концертот на Масимо Савиќ на Антички театар што ќе биде пренесуван директно на видео бим на градскиот плоштад.

Веднаш по концертот на Масимо ќе продолжи забавата на главната бина со Дџ сет на Dj Nasty DeLuxe, по што ќе следува и сетот на Dj Jane. Веднаш по него ќе се претстави ѕвездата на вечерта – германскиот суперстар Дј – DJ Tomcraft. За afterparty забавата ќе се погрижи Dj Regie Rules.

За цело време на настаните ќе имаме забава и со Баскер уметници кои ќе дадат свој печат на вечерата. Она што ќе биде исклучително интересно е и самата поставеност на бината, која ќе биде во водите на езерото (на брод). На бината ќе има видео бим и соодветно озвучување.

Украсувањето на стариот дел од градот ќе биде соодветно и ќе се одбележи целата патека со бели траки и соодветен промо материјал од Антички театар до плоштадот каде продолжува забавата и сите патишта од стариот дел на градот ќе водат до центарот каде ќе биде главниот дел од програмата.

Основната идејата е градот да живее во еден здив, да се отворени сите објекти, за што задолжително ќе понудат и соодветни цени и програма, велат од локалната самоуправа.

-Она на што би сакале во оваа прилика да апелираме е на разбирање на граѓаните на Охрид, особено на оние кои живеат во стариот дел на градот. Станува збор за една вечер и би сакале да направиме вистински спектакл, каков што градот навистина заслужува. Охрид е туристички град и би сакале најискрено сите да помогнат, барем и со разбирање, градот да живее во еден здив и со насмевка и подадена рака да оставиме впечаток на добри домаќини, на град кој максимално го заслужува епитетот најголемт туристички центар во државата и многу подалеку, истакнуваат од локалната самоуправа.

OhridNews