На фестивалот „Охридско лето“, вечерва, во катедралната црква Св. Спфија, ќе се одржи концерт на кинеска традиционална музика „Божествениот звук на бамбусовата флејта и Ксиао“
Концертот почнува во 21 часот.
Основан од еден од интернационално најпознатите професионалци за кинеска традиционална музика, познат свирач на т.н. „бамбусова флејта“ – Жанг Веилианг, Кинескиот оркестар на бамбусови флејти е првиот од ваков вид во светот. Функционира како дел од Кинескиот конзерваториум за музика во Пекинг, кој претставува највисок конзерваториум за традиционални кинески инструменти, а создаден е со цел да се постигне подобар развој на изведувачките способности на бамбусовите флејтисти. Овој инструмент е оддамна познат во кинеската музика. Уште од античко време тој се користел во традиционалната кинеска опера, но и во кинеските оркестри. Покрај промоцијата, како на инструментот, така и на кинеската традиционална музика, оркестарот има голема улога и во збогатувањето на музичката литература за бамбусовата флејта, поттикнувајќи ги композиторите и изведувачите да компонираат музика за потребите на оркестарот. Па така, на репертоарот се среќаваат оригинални дела на голем број значајни кинески композитори, а постојано расте и бројот на композитори од другите земји кои компонираат токму за овој инструмент. Повеќето од членовите на оркестарот се млади професори од конзерваториумот, добитници на многубројни награди и признанија.