Црква Св. Софија, Охрид

Од 18.07.2022 - 21:00 до 18.07.2022 - 22:30

Во рамки на Фестивалот Охридско лето, вечерва, 18 јули, во катедралната црква Св. Софија концерт ќе одржи камерниот оркестар „Профундис“ од Скопје. Солисти се  Анна Кондртенко – виолина и Владимир Костов – виолина, диригент Ѓурѓица Дашиќ.

На програмата ќе бидат дела од Д.Шостакович и Арво Перт.

Концертот почнува во 21 часот.

Камерниот оркестар „Профундис“ е „млад“ уметнички состав,кој постои веќе три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат некои од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во земјава, Националната опера и балет и Националната филхармонија.

Покрај класичниот репертоар, камерниот оркестар „Профундис“ се стреми кон развојот и на други начини на презентација (дигитални концерти, употреба на нови технологии). Квалитетот на оркестарот составен од веќе докажани имиња и неговата флексибилност во сите стилски епохи, под уметничко водство на диригент Ѓурѓица Дашиќ, го дефинираат како уметнички ансамбл на 21 век, способен да одговори на сите барања на музичката продукција.

Имаат забележителен настап во рамките на фестивалите: „Есенски музички свечености“, „Златна лира“ и „Денови на македонската музика“, како и соработката со реномирани солисти меѓу кои Љубиша Кировски, Марија Ѓошевска, Благој Нацоски, Славица Мицовска, Наде Талевска, Марија Јанчулевска, Стојанче Косовски, како и со концерт-мајсторите на Националната филхармонија Анна Кондратенко и Владимир Костов. Ансамблот соработува и со еден од најистакнатите српски виолинисти- Јован Богосављевиќ со кого реализираа концерти во Скопје и во Р. Србија .

Гордост на „Профундис“ претставува реализацијата на целовечерениот концерт во чест на Арво Перт – еден од најистакнатите современи композитори поддржан од Естонската амбасада во Македонија. Исто така, камерниот оркестар „Профундис“ настапува во Италија и остварува мини-турнеја со концерти во Соренто и во Перуџа и соработки со истакнатиот италијански пијанист Маурицио Мастрини, гитаристот Даниеле Ајело и диригентот Паоло Шибиља.

OhridNews