Вечерва, со почеток во 21 часот, во рамки на фестивалот „Охридско лето“, во црквата Света Софија ќе се одржи концерт на гитарскиот квартет „Апеирон“ во кој членуваат Микеле Амбрози, Влатко Боцевски, Вјекослав Црнобори, Рафаеле Пизано.
Присутен на светските музички сцени повеќе од 15 години, гитарскиот квартет „Апеирон“ ја изведува својата концертна активност со цел да го открие и сподели оригиналниот репертоар за четири гитари, притоа инспирирајќи ги и мотивирајќи ги композиторите да пишуваат за овој ансамбл.
Носејќи го овој проект напред, „Апеирон“ има воспоставено неколку значајни соработки, вклучувајќи ја и работата со Иван Шуран, Маркос Винициус, Дејвид Досет, Даниел Кеснер, Дезмонд Кларк и Пол Мортила. Во 2013 година, тие учествуваа на XXVI гитарски конгрес во Санремо, Италија. Во следната 2014 и 2015 година, како резидентен квартет (quartet in residence), ја изведоа премиерата на дваесетина музички композиции на „Highscore Music Festival“ во Павија, каде што почесни гости беа Стивен Макеј и Хелмут Лахенман.
Квартетот има настапено во Италија (Вила Манин ди Пасариано, на Меѓународниот фестивал “Nei suoni dei luoghi”, во замокот Мирамаре во Трст, Концертен преглед “Енрико Меркалали”, Асоцијација „Мауро Џулијани“, Гориција, на фестивалот “Nuovi Spazi Musicali” во Асколи) и во странство (Чешка, Романија, Хрватска, Словенија и Замбија).
Во 2006 година го издадоа својот прв албум “Ápeiron” со музика составена од Јорк, Дуарте, Броувер, Лорен, Милетиќ, Рак и Белинати. Во 2010 година, квартетот учествуваше во изработката на ЦД “Playing Marcos Vinicius”, издадена од Сонитус. Нивните концертни снимки се емитувани од различни радио станици, како Раи 3 (Италија), Радио Белград (Србија) и Чешкото национално радио.