Црква Св. Софија

Од 11.08.2020 - 21:00 до 11.08.2020 - 22:30

Во рамки на фестивалот Охридско лето, вечерва, во црквата Св. Софиј концерт ќе одржи „Дуо пијано 4 раце“ нА Јулија Коќубан од Полска и Илја Максимов од Русија.

На програмата се дела од Моцарт, Дебиси и Рахмањинов.

Концертот почнува во 21 часот.

Јулија Коќубан е една од водечките пијанистки на нејзината генерација. Нејзиниот деби-албум „Шуман, Шопен, Бацевич“ е оценет од музичката критика како еден од најинтересните полски деби албуми во последните години, а последното ЦД со клавирските концерти на Тансман и Бацевич е номинирано за највисоката наградата во полската музичка индустрија- „Фредерик“.

Оваа млада пијанистка веќе настапила во најпрестижните концертни сали во Европа: Минхен, Виена, Берлин и Хамбург, а со концерти настапила и на бројни реномирани фестивали во Америка и Азија.

Настапува со рецитали, како камерен музичар и со бројни оркестри меѓу кои Виенскиот симфониски оркестар, Оркестарот на Виенското радио, Симфонискиот оркестар во Хамбург под диригентските палки на: Хауард Грифитс, Ханс Граф, Нееме Јарви, Кристјан Јарви, Лахав Шани, Антони Вит, Марек Пијаровски и многу други. Нејзините изведби се снимени за повеќе европски радио и ТВ станици, а некои се издадени за Сони Класикал, Грамола и Полската компанија DUX.

Јулија Коќубан дипломирала на Универзитетот „Фредерик Шопен“ во Варшава и на Академијата „Моцартеум“ во Салцбург во класите на професорите Пјотр Палечни и Павел Гилилов, а во 2019 година го брани нејзниот докторат по музика. Покрај уметничката кариера, Коќубан предава на Академијата „Бацевич“ во градот Лоѓ, а истовремено е основач и раководител на Летната академија со името на композиторката Гражина Бацевич.

Рускиот пијанист Илја Максимов е победник на интернационалниот натпревар „Ж. Б. Виоти“ во Италија, а неговиот широк репертоар ги покрива делата од раната класика па се’ до модерните композитори, а делата на руските композитори секогаш имале посебно место во неговата концертна кариера.

Настапувал во некои од најпознатите концертни сали и на фестивали во Европа, Азија и Америка како Палатите на музика во Барселона и Валенсија, Академијата на уметности во Мадрид, салата „Корто“ во Париз, Карнеги Хол во Њујорк, Камерната сала на Берлинската филхармонија, „Концертгебау“ во Амстердам, салите во Осака, Токио и Сингапур, како и салите во Хавана и Рим. Во 2017 година Максимов го издава неговиот деби-албум со дела од Танеев, Рахмањинов и Прокофјев.

Редовно настапува како солист со различни оркестри како Кралскиот шкотски национален оркестар, Оркестарот на театарот „Карло Феличе“ во Фиренца, Симфонискиот оркестар на Вухан, Државниот оркестар во Урал, Националниот оркестар во Хавана, младинскиот оркестар на Сингапур под диригентските палки на: Јустус Франц, Џејмс П. Лиу, Миша Кац, Дмитри Јаблонски, Дарел Анг и Џејмс Рос.

Илја Максимов е добитник на највисоки награди на повеќе интернационални натпревари меѓу кои и на натпреварот „Марија Каналс“ во Шпанија, како и натпревари во САД, Шпанија и Шкотска. Во 2011 година на натпреварот „Мusical Olympus” во Санкт Петербург ја добива нагрдата од публиката.

Максимов е дипломец од Конзерваториумот „Лицеум“ во Барселона, студирал на Кралскиот колеџ за музика во Лондон и Академијата „Моцартеум“ во Салцбург со реномирани професори како што се: Станислав Почекин, Дмитри Алексеев и Павел Гилилов.

Покрај со солистичката кариера, Илја Максимов предава пијано на Академијата „Моцартеум“ во Салцбург.

OhridNews