Во автентичнниот и неповторлив амбиент на етно ресторанот „Виа Игнација“ во Вевчани, на 22-ри јуни, сабота, во 20 часот, ќе биде отворена десеттата по ред Меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“.

По поздравните обраќања на организаторот и уметник учесник на колонијата, присутните ќе имаат можност да го проследат концертот на познатите хрватски поп пејачи-Петар Грашо и Даниела Мартиновиќ.


И годинава на колонијата ќе учествуваат познати уметници од земјава и светот кои инспирацијата за своите ликовни дела ќе ја црпат од недопрената природа и архаичниот амбиент на Вевчани.

Ликовната колонија „Вевчански видувања“ во изминатите години прерасна во респектабилна културна манифестација, чиј квалитет е препознаен во светски рамки.

На колонијата до сега имаат земено учество над 200 еминентни ликовни уметници од земјава и странство. Најдобрите дела насликани од учесниците на колонијата, се изложувани на престижни изложби во светот.

OhridNews