Стравувањата дека по последниот дефект во рудникот Суводол,РЕК Битола ќе остане без јаглен за неколку дена и ќе престане со производство на струја, се покажа неоправдани, смета директорот на најголемиот производител на електрична енергија во земјава, Зоран Коњаноски. „РЕК има доволно резерви јаглен и работиме со полна сила“, изјави за охриднењс, Коњаноски. За жал, додава тој, уште кога дојдов за раководител на РЕК предвидов дека ќе имаме нарушена стабилност бидејќи рудникот Суводол е во затворање и требаше многу брзо да се мисли на отворање на коп Брод – Неготино од каде првите количини на јаглен во РЕК ќе стигнат дури догодина.
„РЕК Битола е голем енергетски џин на кого му треба нега, бидејќи изминаа дваесетина години откако проработи првиот блок во РЕК Битола, а во него особено во последните 7-8 години многу малку е вложено.Ова што денеска ни се случува во РЕК Битола е последица на невнимание во минатото. Хаварија е тежок збор но нам ни се случуваат дефекти и тоа се почесто, но со натчовечки напори на екипите кои денноќно работат ние ги отстрануваме тие дефекти“, вели Коњаноски.
75% од струјата во земјава произведува РЕК Битола
Коњаноски вели дека набавката на резервни количини јаглен за што неодамна беше распишан меѓународен тендер се врши од сигурносни причини заради општата политичка ситуација во регионот и решавањето на косовското прашање. Сепак Коњаноски предупредува дека е потребно е преструктурирање и подобрување на енергетскиот систем. „После РЕК Битола ниту еден голем енергетски капацитет не е отворен во државата. За жал се задоволивме со отворањето на трите блокови во РЕК за кои мислевме дека ќе се доволни, но сега се покажа дека тоа не е така. Нас ни требаат нови енергетски капацитети, наскоро ќе се распише тендер за изградба на гасна турбина во Скопје, а потоа и за Чебрен и Галишта, два хидрогиганти, и тоа е вистинскиот начин како една одговорна влада треба да води сметка не само за сегашните туку и за идните генерации“, вели Коњаноски. Тој викендов беше дел од делегацијата фунционери на ВМРО ДПМНЕ која во рамките на партиската кампања оствари средба со граќаните и членството во повеќе охридски села.
Г. Момироски