Последниот самоубиствен бомбашки напад во Кабул, во кој полесно се повредени четворица припадници на АРМ, нема да влијае на моралот и мисијата на АРМ во Авганистан, изјави денеска во Св. Наум, министерот за одбрана Зоран Коњаноски.

Самите војници и офицери кои одат на такви мисии свесни се за ризиците, а таму се затоа што има нестабилност, затоа што се борат против тероризмот. Во секој случај очекувано беше вакви рекции да има од страна на бунтовниците пред претседателските избори кои за неколку дена ќе се одржат за Авганистан. Меѓутоа затоа имаме добра обука на војниците за да можат сами да се заштитат и да го заштитат населението. Ние сме свесни за ризиците, но јасно го имаме трасирано патот кон кој ќе се движи Р. Македонија, а тое е целосна евроатлантска интеграција, рече Коњаноски.


Зоран Коњаноски

Министерот во текот на вчерашниот ден лично разговарал со повредените војници, кои, како што рече, се чувствуваат добро по немилиот настан.

–  Поразговаравме и нормално кај нив постои шок за сето  тоа што се случило. Она што е најважно е дека тие се здрави и живи  и испратија  порака во еден глас: „Поздравете ги граѓаните на Република Македонија“, истакна Коњаноски.

Тој информираше дека по укажаната лекарска помош, повредените војници се вратиле во единицата на секојдневните обврски.

Ohridnews