Кон животната средина треба да се однесуваме поодговорно, беше речено на трибината за заштита на  крајбрежјето на Охридското Езеро што во организација на Еколошкото друштво „Грашница“ се одржа во  просториите на општина Охрид.

-Потребна е поширока и континуирана акција за подигнување на еколошка свест затоа што Охридското Езеро не треба да биде чисто само заради туристите што доаѓаат, туку пред се за самите нас кои живееме тука, истакна Душко Јаковчески – претседател на Советот на општина Охрид.


Д-р Ленче Локоска од Хидробиолошкиот институт го истакна значењето на Охридското Езеро во светски рамки како редок екосистем во кој живеат 1200 животиснки видови, од што 212 се ендемични видови, од кои пак 182 се се’ уште живи.

-Охридската пастрмка и белвицата се најпознатите ендемски видови од Охридското Езеро, но не и единствени. Како ретко на кое било друго место тука можат да се најдат толкав број ендеми поради што инстерсот на научната јавност во светот за Охридското Езеро е исклучително голем, подвлече Локоска.


Таа посочи дека и натаму загрижува големото загадување што со себе го носат реките во сливот на езерото. Квалитетот на нивната вода е 4 и 5 класа, а дел од нив, како Велгошка река на пример содржи едвај 1 промил кислород на милиметар кубен, што е 6 пати помалку од просечната вредност на кислород во езерото.


Локоска се осврна и на забрзаната урбанизација и влијанието на човекот на крајбрежјето каде е и најголемото загадување, додека, како што рече за среќа остатокот од езерото е во одлична состојба.

– Охридското Езеро е под заштита на УНЕСКО и тоа претставува бренд. УНЕСКО не вели да не се гради, но развојот треба да биде  одржлив, рече Локоска, алудирајќи на актуелните состојби на крајбрежјето кое е под силен притисок од човекот.


На трибината што се одржа во рамки на неделата на животната средина експерти од областа на животната средина, научни работници, екологисти и претставници на невладини организации дискутираа за актуелните проблеми и мерките за заштита на Охридското Езеро.

Г.М.