Кјеркегор
Ако индивидуата го препознае патот на својот почеток, патот кој се одликува со искреност во намерите, креативност и интелектуалност, тогаш може да се пронајде објективната вистина. Само со достигнување на искуството може да се пронајде целта на живеењето, највисокиот степен на индивидуалниот развој. Токму кон таква цел треба да се стреми секоја индивидуа, а особено секој млад човек, поттикнат од скапоценоста на минатото што зад себе го оставиле оние кои пред него го поминале патот на себеспознанието и себеоткривањето.
Инспирирана од тоа што им оставаме на поколенијата во наследство, сметав дека е исклучително значајно да се посвети внимание на она од што поколенијата ќе учат за себе, за своето и постоењето на нивните татковци, баби, дедовци… на генерациите пред нив.
Книгите како воспитно образовен двигател треба да бидат дел од живеењето на младите луѓе затоа што преку нив на непосреден и сликовит начин се опишуваат настани, постоењето на личности значајни за споменување, моменти, села, градови, со еден збор – се опишува сè она што еден ден ќе биде историја. А така се зачувува историјата, најверно, преку пишаните дела. Еве, и да признаеме дека во денешно време младите не ги интересира толку она што се објавува, новоиздадените книги, туку тие читаат само толку колку да се рече дека нешто (задолжително) се прочитало. Но што станува со оние кои што читаат книги и надвор од задолжителната лектира, а со цел поквалитетно исполнување на слободното време? Што им се „сервира“ за читање? Дали од книгите што ги читаат и во некое идно време ќе ги прочитаат младите, можат да бидат правилно и точно информирани за настаните од нашето поблиско и подалечно минато, да бидат правилно и точно воведени во правилната лексика и синтакса на нашиот јазик?
Книгата денес ја преживува најдраматичната криза од историјата на своето постоење. Се издаваат книги кои се без претходна обработка од лектор иако неговото име стои запишано на почетните страници од книгата. А тоа може да се увиди од нејзината содржина, барем оние кои подолго време се во областа на литературата отсуството од лексичка обработка лесно можат да го забележат, односно се издаваат книги кои пласираат погрешни информации од нашата историја, лексика и синтакса.
Дозволете ова што претходно го изнесов да го поткрепам со примери од книгата „Родослов на елшанските семејства – Елшани низ историјата“. Најпрво, да му честитам на авторот што собрал сили и храброст, по 9 – годишна макотрпна работа да создаде дело за паметење. Но уште на почетокот од оваа книга започнуваат грешките кои не би требало да ги има во книга од ваков вид затоа што оваа книга е за Елшани, односно, како што вели и самиот автор, за да знаат поколенијата. Имено, именката предговор се пишува слеано, а не одвоено како што е тоа случај во оваа книга. Општо познато е дека подигнувањето и возобновувањето на верски објекти не е верски празник: „…по повод големиот верски празник 600 години од подигнувањето и 150 години од возобновувањето на храмот на „Св.пророк Илија“, објавувањето на ова дело би требало да биде довршување на програмата за ова чествување.“ (од предговорот во книгата). Оваа книга ниту концептуално не е добро осмислена затоа што родовските стебла, кои се наоѓаат пред крајот од книгата се поделени од Информаторите (стр.265), од користената литература, која не е правилно и по азбучен ред напишана и од Содржината на книгата. Понатаму, авторот на книгата, на нејзината 12 страница запишал: „Кога добро ќе ги разгледаме називите на месностите, односно топонимијата на Елшани, ќе видиме дека сите тие се исклучиво македонски, што уште еднаш се потврдува дека населението од Елшани отсекогаш било населено со Македонци.“ или „Што е тоа што го прави ова село да биде толку атрактивно, сè уште да не биде иселено како повеќето македонски села кои ги напуштиле својте огништа?“ (стр.14 од истата книга). Првенствено, селото Елшани никогаш, па ниту денес не е населено исклучиво со Македонци, а по однос на присвојната заменка, треба да биде познато дека се пишува со буквата И. На стр.33 авторот запишал: „Една таква пештерска црква се наоѓа помеѓу Градиште и Пештани и посветена му е на „Света Богородица“ (14-15 век).“ Кому е посветена таа црква? Од кој род е св.Богородица? И зошто именката св.Богородица авторот ја запишал со наводници?! Доколку се напише во наводници, тогаш именката има преносно значење што воопшто не е случај овде затоа што се наведува светицата, Мајката Божја на која Þ е посветена црквата. На стр.45 стои запишано: „За користење на земјата селанецот плаќал рента.“ Зарем немаме соодветен збор во нашиот непресушен македонски јазик за зборот рента?! Или: „1978 година елшанци ќе ја паметат и по поплавата која го зафатило селото Елшани.“ (стр.91). Глаголот треба да се однесува на именката која го врши дејствието, а не на топонимот, односно реченицата треба да гласи: „1978 година елшанци ќе ја паметат и по поплавата која го зафатила селото Елшани.“ Вакви и безброј други грешки се застапени низ целата содржина на книгата.
Користењето на македонскиот јазик, особено во пишаните дела е многу значајно за неговото постоење и опстојување низ вековите затоа што така еден народ останува запаметен и овековечен.
Во однос на зачувувањето на македонскиот јазик и на неговото развивање преку читателската публика, не треба да се внесуваат забуни и недоумици што се однесува на јазикот и неговата правилна употреба. Покрај тоа што писателите и луѓето од просветните институции се особено значајни за одржувањето на јазичното и интелектуалното ниво на поединецот, најнапред тој самиот треба да биде заслужен за своето познавање или непознавање на сопствениот јазик затоа што остатокот од слободното време може и треба да се искористи на правилен начин, создавајќи еден „нов морал на среќата“. Во тој контекст, францускиот социолог Ж. Демаздие истакнува и тврди дека „оној кој не го користи или не знае да го искористи своето слободно време не е потполн човек, тој е sous developpe“, суштество кое се наоѓа помеѓу човек и товарно животно.
Лидија Размоска,
педагог и писател
*Ставовите изнесени во рубриката „Писма“ се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.