Кон крајот на овој месец ќе биде објавен уште еден јавен повик за доставување барања за користење финансиски средства од ИПАРД Програма за периодот 2007-2013 година, информираше Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Според најавите, повикот ќе трае најмалку 45 дена, а ќе се однесува на мерките 101, 103 и 302 – за инвестиции на земјоделските стопанства со цел нивно преструктуирање и надградба за постигнување на евгропските стандарди, за инвестиции за преработка и маркетинг на земјоделските и рибни производи со нивно преструктуирање и надградба, како и за диверзификација и развој на руралните економски активности.
-Претстојниот јавен повик ќе ги зголеми можностите по однос на типот инвестиции, обемот на потенцијалните корисници, набавката на различна земјоделска механизација вклучувајќи и трактори, како и финансиските лимити за крајните корисници на финансиската поддршка, информира Агенцијата.
Правилата за користење на финансиските средства налагаат претходно склучување договор на потенцијалните корисници со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и реализација на одобрената инвестиција согласно претходно договорените услови. Контрола на самото место и спроведувањето на надзорот над договорот извршуваат овластени лица од Агенцијата за финансиска поддршка и релевантни институции за управување, спроведување и контрола на ИПАРД и ЕУ.
OhridNews