Охриѓани ќе плаќаат повисока цена за комунални услуги. Со изгласувањето на Предлог Одлука за давање согласност на одлуките за изменување на одлуката за утврдување на цените на услугите што ги врши ЈП „Охридски комуналец“ Охрид број 02-688/6 од 29.03.2022 година на одржаната седница на Совет, цената се зголемува од сегашните 2,4 денари на 3,4 денари по метар квадратен.

Советникот од СДСМ, Бојан Михајловски во своето излагање потенцираше дека покачување на цените на услугите мораше да биде последна можна активност за менаџментот на ЈП Охридски Комуналец, додавајќи дека нивните советници оваа одлука нема да ја поддржат.

Доколку има добро менаџирање, односно скратување на непродуктивни трошоци, домаќинско работење и во време на светска еконосмка, здравствена и енергетска криза малите потрошувачи немаше да осетат покачување на цената. На една од минатите седници ветивте дека ќе се формира Комисија од советници од сите политички партии во Советот, за да се разгледаат проблемите во ЈП-ја и да изнајдат начин за нивно порентабилно работење. До кај е таа Комисија? Колкава е цената на дневно ниво што ЈП Охридски Комуналец ја плаќа на приватната фирма за собирање на отпад иако ова лето и покрај дополнителна ангажирање фирма за разлика од претходните години за време на летната сезона Охрид секојдневно беше заглавен со отпад, преполни контејнери, неисчистени улици, за што кривицата ја префрлам на менаџментот и лошото менаџирање со претпријатието, истакна Михајловски.

Имајќи во предвид дека е општа финансиска криза во Р. Македонија, финансиската состојба на јавното претпријатие со наследен долг од над 60 000 000 денари и зголемените трошоци за извршување на основната дејност и немањето на поддршката од централната власт сме доведени до овој чин на промена на цените на услугите рече директорот Саше Најдески.

Зголемувањето на трошоците е резултат на енормното зголемување на цената на нафтата, струјата, резервните делови како и зголемување на минималната плата. Евидентно е врз основа на тримесечниот извештај дека има заштеда на скоро четири тона нафта за ова тримесечје во споредба со претходната година. А покрај тоа трошоците за нафта се зголемени за над 1,5 милион денари. Во периодот кога се формирани цените за користење на услугите на претпријатието цената на нафтата била 30 денари. Тоа ни дава јасна слика дека трошоците се многу поголеми во поглед на надоместокот кој го плаќаат граѓаните за услугата. Со направената споредбена анализа со цените на другите јавни претпријатија во државава, можам да кажам дека охриѓани плаќаат најниска цена по метар квадратен односно 2,4 денари, додека во другите градови граѓаните плаќале цена над 3 денари. Моментално има зголемување на цената за денар до два денари во другите градови, што значи дека таму цената ќе биде од 4 до 5 денари за метар квадратен, а цената за граѓаните на Охрид ќе биде 3,4 денари по метар квадратен, истакна Најдески.

Знаеме, додаде, дека во Охрид и во летниот период се чисти и вонредно и воопшто не се сложувам дека градот никогаш не бил понечист. Градот бил најчист оваа сезона, а откако сум директор сите камиони го депонираат комуналниот отпад во Буково, за разлика од периодот на претходната власт кога само два или три камиони го депонираа, рече Најдески.

Со измените на ценовникот на услугите ќе се овозможи донекаде нормално функционирање на јавното претпријатие, а граѓаните ќе може да добијат навремена и поквалитетна услуга. Истовремено и редовно ќе има сервисирање на обврските кои во изминатиот период не можевме редовно да ги извршуваме кон доверителите со оглед на економската криза, потенцираше Најдески.

Додаде дека во поглед на ангажираната фирма цената што се плаќа за ангажирање на возилата кои се користат по потреба е резултат на неспособноста на претходното раководство, неисправни возила, трошење многу пари за резервни делови.

Инаку, Одлуката беше изгасана со 12 гласа за и три против.

Н.С.Ј.