“Препознатливо чист ” е мотото на новата кампања што од 1-ви идниот месец ќе ја започне јавното претпријатие “Охридски комуналец”. “Мотивирани сме од законот за јавна чистота, а со кампањата , сакаме да ја подобриме чистотата на градот, но и да ја зголемиме наплатата на претпријатието”, рече денеска на прес-конференција, директорот на “Охридски комуналец”, Боро Павлоски.

Според Сашо Алчев, координатор на заедничките служби во претпријатието,  кампањата ќе го чини “Охридски комуналец” од 70 до 75 илјади денари. “Првиот дел започнува на 1 октомври кога со сметките за ѓубретарина ќе бидат поделени 15 000  флаери, ќе се организираат едукативни часови во основните училишта и градинките, а ќе се одржат и средби со граѓаните. Претпријатието  ќе го огласи  организирањето на едукативните состаноци, со цел, граѓаните, да имаат можност подетално да се информираат за новиот закон за јавна чистота” објасни Алчев. 

Вториот дел од кампањата ќе започне на 10 октомври. Преку едукативни флаери  ќе бидат образложени начините за користење на корпите за отпадоци, а граѓаните ќе бидат информирани и за динамиката на подигање на сметот и дргите видови отпад.

Третиот дел ќе се одвива од 20 идниот месец и  ќе биде насочен кон селекција на хартија и пет амбалажа. Ќе се поставуваат корпи и контејнери за хартија и пластика, а на граѓаните во индивидуалните станбени згради ќе им се доделуваат ќеси за селекција на хартијата и пластиката.

Во ” Охридски комуналец ” се работи и на новите обврски што произлегуваат од Законот за јавна чистота кој стапи на сила на 20-ти овој месец.

ohridnews