Повеќе од десет дена ЈП Комуналец не го подига отпадот од хотел Метропол. Како причина се наведуваат нерасчистени должничко – доверителски односи помеѓу јавното претпријатие и хотелот.

Сашо Алчев, директор на ЈП Комуналец, вели дека Метропол има направено голем долг кон нив, затоа што подолг период не ги има подмирувано обврските за подигањето на отпадот.

– Метропол со месеци не плаќа и затоа донесовме одлука да не го креваме отпадот додека хотелот не си го подмири долгот кон нас, објаснува Алчев.

Од Метропол се револтирани од ваквата одлука на ЈП Комуналец. Ова е голем проблем кој мора што поскоро да се реши, пред се поради нашите гости, велат од таму. Побаравме помош и од градоначалникот Петрески со цел што поскоро да се реши спорот, велат од Метропол.

Потпаролот на Локалната самоуправа, Никола Манески, за OhridNews изјави дека во текот на наредната недела ќе биде закажана средба на која ќе учествуваат двете засегнати страни во спорот и градоначалникот Петрески. Ставот на градоначалникот е што поскоро да се изнајде решение.

– Не го оправдуваме тоа што Метропол не му плаќа на ЈП Комуналец за извршените услуги. Сепак, во интерес на гостите и градот е Јавното претпријатие, независно што спорот не е решен, да продолжи со подигање на отпадот, вели Маневски.

Недоразбирањата околу подигнувањето на сметот од „Метропол“ кулминираа во време кога во хотелот се одржува Втората Конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог.

 Тања Кувенџиска