– Комуналец најголем проблем има со наплатата на сметките, тоа се прави од разни причини, не само од неажурност, туку и поради тоа што бројни граѓани се иселуваат од градот без да го пријавуваат тоа, а ние и натаму испоставуваме сметки на кои плаќаме ДДВ, што е дополнително финансиско оптоварување за нас. Затоа мислам дека идејата Комуналец да склучи посебен договор со Локалната самоуправа е добра и треба да се размислува во тој правец. Тогаш облигационите односи ќе се со Локалната самоуправа, која ќе плаќа за услугите на комуналното претпријтие, а средствата за тоа таа ќе ги обезбеди на некој друг начин – изјави Павлоски.
Павлоски рече дека со ова практично Охрид ќе ја отвори вратата за приватниот сектор во сферата на јавната хигиена и подигање на сметот, и така ќе се овозможи создавање конкуренција во работата со отпад, а одржувањето на јавната чистота во градот ќе стане бизнис. Тоа според Павлоски ќе резултира со подобар квалитет на услугите.
– Приватизацијата на Комуналец е нешто неминовно, тоа е предвидено и со законска регулатива за Јавно приватно партнерство и тоа ќе се случи, дали за време на мојот мандат или подоцна, конкуренцијата ќе дојде и работата со отпад ќе е бизнис како секаде во развиениот свет – рече Павлоски.