Над 10.000 гости, најмногу од непосредното опкружување ја запоседнаа охридската ривиера за новогодишните празници.
Најбројни се гостите од соседна Србија, па тие од Албанија и Бугарија. Оваа Нова година Охрид привлече туристи од сите делови на континентот, но и од прекуокеанските земји. Во хотелите слободни соби нема, а добро се пополнети и приватните сместувачки капацитети.
Паркинзите се претесни да ги примат сите автобуси со кои пристигнаа туристите, па така голем дел од нив ги запоседнаа улиците во центарот на градот.
Во кафулињата и рестораните слободна маса е реткост, а во чаршијата е раздвижено како во шпицот на главната туристичка сезона. Најголемиот дел од туристите во Охрид престојуваат во тридневни аранжмани, а дел од гостите тука ќе ги прослават и Божиќните празници.