Еден од неколкуте преостанати примероци на првите компјутери на Ејпл, „Apple-1“, продаден е за 905 илјади долари на аукција во Њујорк во средата, а постигнатата цена е далеку над очекувањата. „Apple-1“, оригинален прв компјутер кој рачно го изработиле Стив Вознијак и Стив Џобс во неговата гаража во Лос Алтос во Калифорнија летото 1976 година, означил голем напредок во развивањето на персоналните компјутери.
Аукциската куќа Бонхамс соопштила дека очекувала компјутерот, кој сеуште е во функција, да достигне цена помеѓу 300 и 500 илјади долари. „Apple-1“, компјутерот кој Вознијак и Џобс го направиле само во 200 примероци, се смета за прв производ на денес најбогатата светска компанија, како и за прв персонален компјутер на светот. Изворно овој компјутер се продавал по цена од 666 американски долари, а се смета дека денес во светот ги има помалку од 50.