Ширењето на корона вирусот е заеднички проблем, и во оваа ситуација сме сите заедно и заеднички треба да ги решаваме проблемите. Ова е истакнато на средбата на претседателот на Владата Оливер Спасовски, владиниот економски тим и повеќе министри, со претставници на стопанските комори во земјата на која се разговараше за ситуацијата со вирусот „КОВИД-19“ и индикациите врз економијата и животот на граѓаните.
Потребно е сите заеднички да ги почитуваме мерките, кои ги преземаме, бидејќи очигледно е според искуствата на други земји, дека каде се преземени радикални чекори таму има и позитивни резултати за справување со кризата во економијата. – рече премиерот Спасовски информирајќи ги присутните дека комуникацијата и информирањето на сите граѓани се одвива на високо ниво, за да се избегнат дезинформациите, лажните вести и создавањето паника.
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска информираше дека е во постојана комуникацијата со претставниците на бизнис секторот во земјата и веќе е разговарано за реорганизација на производствените процеси и воведување на нови смени доколку е потребно.
Компаниите коишто имаат потреба да ја реорганизираат својата работа во смени, тоа да го направат за да нема застој во работењето, а работниците коишто имаат деца до 10 години да соработуваат во реорганизацијата. Исто така ги повикуваме компаниите коишто имаат можност да ја организираат својата работа од дома и со тоа да го спречат ширењето на корона вирусот. – рече Царовска.
Претставниците на Владата информираа за дополнителните мерки кои во изминатите два дена се донесени, а кои се однесуваат на подобрување на информираноста и достапноста на потребните информации на сите граѓани во врска со вирусот „КОВИД-19“.
OhridNews