Охрид со две специјализирани образовни установи е еден од регионалните центри за стручно средно образование, со капацитет да обезбедува кадри за потребите на стопанството во регионот, така и за целата држава. Ова денеска го изјави Министерката за образование и наука Мила Царовска, при посетата на стручните училишта „Ванчо Питошески“ и „Св. Наум Охридски“, во рамки на втората фаза од кампањата „Учи паметно, работи стручно“, за промоција средното стручно образование и запознавање на идните средношколци со перспективите и можностите што ги нуди тој тип образование.
Реализираниот дијалог изминатите два месеца на локално ниво помеѓу компаниите, општините, училиштата и Министерството, има за цел креирање уписна политика во средно образование врз потребите на реалниот сектор, односно да се обезбеди подготвен кадар што ќе ја движи и развива економијата, додаде Царовска.
Сега е во тек промоција на дуалните профили со цел учениците во средните стручни училишта да имаат поинтензивна пракса во компаниите. Од една страна да се запознаат со културата и динамиката на компанијата, но и да се остручат за производствениот процес, независно дали потоа ќе се вработат истите компании или во односната гранка за која се оспособени. Освен промоција, сакаме да ги поттикнеме учениците да се запишуваат во училиштата со дуално образовние за што Министерството има предвидено и соодветни стипендии, рече Царовска.
Минатата година во земјата имало 11 паралелки за дуално стручно образование, оваа учебна година нивниот број е 97, а со интенција нивниот број дополнително да се проширува.
Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески посочи дека Општината ја поддржува кампањата „Учи паметно, работи стручно“, укажувајќи на важноста од усогласеноста на образовните профили во средните училишта со потребите на локалните компании.
Креирањето квалификуван стручен кадар е еден од најважните предуслови за развој на индустријата, бизнисот и туристичкиот сектор во Охрид. Во градот успешно функцинира системот на дуално образование како еден вид јавно приватно партнерство меѓу училиштата и компаниите, рече тој.
Во рамки на своите надлежности и можности, Општината постојано инвестира во подобрување на условите за настава во средните училишта преку инфраструктурни зафати, ги поддржува реформите за унапредување на наставниот процес, а изминатата година се доделени и рекордни 412 стипендии за ученици во вредност од околу шест милиони денари, додаде Георгиески.
Генералниот директор на Костал Македонија ,Виктор Мизо рече дека стручните паралелки во средните училишта се неопходни, бидејќи во државата фали стручен кадар.
Ние сметаме дека имаме стручен кадар, но во пракса воопшто не е така. Можеби, порано сме имале стручен кадар, но само теоретски, додека практично секогаш фалел и ден денес е тоа така. Многу е важно млади луѓе од средно училиште да се обучени и паралелно практично со теоретскиот дел од наставата, да работат во Костал и потоа да одлучат дали ќе продолжат во техничкиот дел, или пак ќе бидат инженери. – рече Мизо
Интересот за профилите на стручни кадри кои ги нуди и потребува Костал, е најголем, потенцира Мизо.
Ние кога ќе ги претставиме можности кои ги нудиме, веднаш ги придобиваме учениците кои се запишуваат во стручните средни училишта, – истакна Мизо.
Учениците од општинските стручни средни училишта „Ванчо Питошески“ и „Св. Наум Охридски” на гостите им презентираа дел од наградите добиени на меѓународни натпревари, како и производи работени во училиштата.
OhridNews