Независната угостителска комора целосно стои зад барањата и забелешките на угостителите и туристичките субјекти, но останува резервирана околу начинот како се спроведуваат самите простести, со забелешка дека во услови на пандемија не се најсоодветен начин за изразување на неслогласностите по проблематиката.
Тоа е епилогот од денешната средба во Охрид на претставниците на Независната угостителска комора, предводена од претсеадалот Здравко Јосифоски, со претставнците на здружението на угостителите „Охридски еснаф“ и претседатели на повеќе здруженија на угостители од градови низ земјата, а во врска со нивните барања и протестот на угостителите и туристичките работници најавен за утре во Скопје.
Покрај утрешниот протестен собир што беше главна точка на дискусија, на средбата беа разгледувани и неколку прашања што се однесуваат на дејноста во овие вонредни околности наметнати од коронавирусот, најмногу на процесот и начините за доделување на националниот сертификат и печат „Clean&Safe“ (Чисто и безбедно), како и обврските и одговорностите кои произлегуваат од добивањето на меѓународниот сертификат за „Safe Travels“, за која е добиено овластување од Министерството за економија.
Првиот објект со издаден таков сертификат во земјата е хотелот „Су“ од Охрид, како гаранција дека објектот се придржува кон нормите и препораките на СЗО и националната Комисија за здравство.
Угостителите и туристичките работници од Охрид, и на национално ниво остануваат зад ставот за потребата од нивна директна вклученост во донесувањето на сите одлуки, препораки и протоколи за работа во актуелните новонастанати услови.
Охридските угостители се свесни за реалноста од светската епидемија, но со мислење дека постои потреба од нивно вклучување во донесувањето одлуки за начинот за справување со кризата во браншата, што произлегува од нивната непосредна вклученост во проблематиката.
Сметаме дека со учество во дискусиите со надлежните институции, па и при донесувањето соодветни мерки можеме да придонесеме за подобро справување како со епидемијата така и во намалувањето на негативните последици по браншата. Дури и кога се бара помош од некого, во случајов државата, истата треба да биде основана, конкретно помошта да биде насочена во оној дел каде е најпотребна, истакна Михаил Мишев претседателот на „Охридски еснаф“.
OhridNews