Комитетот за заштита на светското наследство на УНЕСКО ја пролонгира одлуката за Охридскиот регион дали да биде ставен на листата на загрозено наследство за уште еден ден, иако се очекуваше истата  денеска да биде ставена на гласање.

Во кинескиот град Фуџоу, каде се одржува 44 сесија на Комитетот за светско наследство при организација на ОН во тек се интензивни консултации на делагациите кои имаа спротиставени ставови по однос на Амандманот на Босна и Херцеговина, која предложи Македонија и Албанија да добијат уште две години рок за исполнување на барањата од Реактивната мисија на УНЕСКО, а делегацијата на Норвешка истапи со јасен став дека на двете земји не треба да им се даде дополнителен период за да постапат по препораките.

Во меѓувреме можат да се слушнат различни толкувања за причините за пролонгирање на одлуката за статусот на Охридскиот регион во УНЕСКО, од тоа дека кај делегациите сепак постои волја рокот за отстранување на забелешките  за загрозено природно и културно наследство на Охридскиот регион да се пролонгира до 2023, до тоа дека регионот треба да биде ставен на Листата на загрозени подрачја, на што инсистираат невладините организации.

Конечната одлука сепак останува да ја донесе Комитетот за светско наследство, што според попладневниве најави останува за утре.

OhridNews