Предизвиците со кои се соочуваат граѓаните треба да се надминуваат со меѓусебен дијалог, а меѓуетничките односи да бидат на над партиско ниво, истакна претседателката на Комитетот за односи меѓу заедниците при Собранието на Република Северна Македонија, Арбана Пашоли, при денешната посета на Комисијата за односи меѓу заедниците во Советот на Општина Струга.
Целта на денешната средба со членовите на Комисијата, според Пашоли, е отпочнување заемна соработка за развојот на мултиетничката перспектива, со која стружани може да се гордеат.
Ги запознавме членовите на Комисијата за односи меѓу заедниците со нашата работа и компетенции и ќе ги охрабриме за заемна соработка на регионално ниво. Повеќе од година ипол ние како членови на Комитетот го даваме како пример фактот дека меѓуетничките односи треба да бидат на над партиско ниво. Ние не гледаме ниту етничка припадност, ниту разлика меѓу нашите политички ставови, туку сакаме да бидеме пример за граѓаните, рече Пашоли.
Забележа дека во периодот од пандемијата биле исклучени од заемните активности, но со враќањето на нормалното секојдневие, нагласи, почнале да реализираат активности, кои би помагале за запознавање и вреднување на различностите.
Претседателката на Советот на Општина Струга Арбереша Влаши посочи дека во Комисија за односи меѓу заедниците членуваат претставници, угледни лица, од сите осум етнички заедници во Струга.
Тие пред сè, се избрани како предлог од заедницата. Во Комисијата се дава поголемо внимание на помалите заедници, кои немаат претставници во Советот на Општина Струга. Преку зајакнување на нивните вештини ќе дојде до подобрување на соживотот во нашата општина, рече Влаши.
Комисијата, нагласи, пред сè е советодавна, ќе дава свое мислење во врска со одредени теми, што ќе бидат разгледувани на седниците на Советот.
OhridNews