Сертификатот за прележан Ковид-19 наместо 45 дена да трае 180 дена, сметано од датумот на позитивен PCR тест е препораката на Комисијата за заразни болести. Ваквата препорака се однесува на усогласување на времетраењето на сертификатите во светот и ЕУ, истакна Злате Мехмедовиќ портпарол на Комисијата за заразни болести.
Како што истакнаа од Комисијата, се уште е рано за укинување на сертификатите бидејќи кај нас има голема трансмисија на вирусот и дека не би требало да се споредуваме со останатите земји каде има висок процент на имунизација за разлика од кај нас. Според Комисијата, со укинување на сертификатите ќе се придонесе за поголема трансмисија на вирусот во затворени простоории.
Комисијата донесе и препорака која се однесува на учениците, односно се воведува поинаква методологија за изведување на скрининг со која ќе требаат помалку тестови кои ќе покажат каква е присутноста на вирусот и има многу поинаква динамика.
Дел од достапните тестови кој се доставени во Министерството за здравство ќе се користат за проценка на преносливоста на вирусот во школски услови, а дел од нив ќе се искористат за стратегијата „тестирајте за да останете во училиште“ која што предвидува изложените ученици кои биле во допир со позитивен случај да можат да се тестираат со цел да се овозможи останување во процесот на настава со физичко присуство доколку се утврди дека тој тест кој ќе се направи ќе биде негативен, истакна Мехмедовиќ .
На денешниот состанок, Комисијата го анализираше извештајот на Институтот за јавно здравје како и анализата на сите случаи на хоспитализација и смрт од КОВИД-19 од 1 до 31 јануари 2022 година , со цел да се одговори зошто има висока стапка на смртност.
Анализата покажува дека во анализираниот период, само шест лица од пациентите кои примиле трета доза на вакцина завршиле со смртен исход. Сите смртни случаи кои што биле констатирани имале дополнителни болести, односно коморбидитети како што се дијабет, карцином, кардиоваскуларни заболувања, обезност истакна Мехмедовиќ .
Анализата имаше за цел да ги подели ризиците за смрт и хоспитализација не само по однос „Вакциниран“ туку колку време поминало после вакцинација, истакна претседателот Александар Петличковски.
Ако по тој основ сметаме подолго од шест месеци поминато време, ефикасноста на вакцината не е истата со три месеци после вакцината. Над 97 проценти е заштитата на вакцинацијата по однос на смрт и над 91 по однос на хоспитализација, доколку се работи за вакцинација во последните три месеци или доколку се работи за вклучена трета доза, вели Петличковски.
Комисијата донесе препорака за постоечките упатства за лекување на пациенти од Ковид. Упатствата се изработени од работната група при Министерството за здравство и од Катедрата за семејна медицина заедно со матичните лекари. Препораката е да бидат објавени на сајтот на Министерството за здравство, на Лекарската комора и дополнително да се испратат до матичните лекари и Ковид центрите со цел да се отстапи достапноста и примената на овие протоколи.
Комисијата уште еднаш потенцираше дека населението треба да знае дека вакцинацијата е начин да се намали смртноста. Се размислува и да се ограничи периодот до кој ќе трае втората доза на вакцина, а ставот на Комисијата за заразни болести е дека треба да се движиме кон имунизација со трета доза, која кај нас е 5 проценти. На денешната прес- конференција беше истакнато дека се размислува за централизирана кампања за поттикнување на вакцинација особено кај лицата со коморбидитети.
К.А.