Комисијата за заразни болести денеска ќе одлучува за воведување рестрикции во однос на заштита на границите против ширењето на делта сојот на коронавирусот, кој се рашири низ Европа и ќе процени дали тестовите се вистинската мерка со која ќе може да се заштитиме. Во исто време, од денеска почнува и вакциницијата на вработените во основните и средните училишта во државата.
Овој процес на имунизација на наставниот и ненаставен кадар вработен во образованието, како дел од критичната инфраструктура го спроведуваме за реализација на воспитно-образовниот процес со физичко присуство на учениците во учебната 2021/2022 година, соопшти Министерството за здравство.
Оваа недела ќе започне закажувањето термини за вакцинација и на вработените во високообразовните институции.
Во моментов ресорното Министерството најмногу е фокусирано на вакцинацијата и се очекува до петок да бидат вакцинирани околу 500.000 граѓани. Вакцинацијата се одвива во сите пунктови во земјава и поделени се сите вакцини, согласно бројот на пријавени граѓани.
Здравствените власти сметаат дека тоа е недоволно и апелираат граѓаните да се пријават за вакцинација. Во зголемувањето на бројот на имунизирани лица треба да придонесе и теренската вакцинација, која е веќе почната кај нас. Властите најавуваат дека теренската вакцинација ќе се интензивира и ќе придонесе да се вакцинираат жителите кои се хронично болни и помалку подвижни, а кои живеат во оддалечените места околу големите градови.
Во земјава има и понатаму има значителен пад на бројот на пациенти заразени со Ковид-19. Во деноноќието меѓу саботата и неделата се направени 2.760 тестирања, а регистрирани се четири нови случаи на КОВИД-19, по два во Скопје и Тетово. Нема починати, а регистрирани се шест оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 890.381 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.710, бројката на оздравени пациенти е 150.073, на починати е 5.486, а бројот на активни случаи изнесува 151, од кои 11 во Охрид.
Во Струга, Кочани, Гевгелија, Неготино, Свети Николе, Ресен, Радовиш, Делчево, Виница, Пробиштип, Валандово, Богданци, Крушево, Демир Хисар, Демир Капија, Македонски Брод, Македонска Каменица и Дојран нема активни случаи со Ковид-19.
OhridNews