Мерките за заштита од Ковид-19 никогаш не биле носени од какви било политички одлуки од почетокот на кризата, од лани досега. Секогаш сме гледале низ призма на епидемиологијата, односно што е тоа што може да се препорача, или да се забрани или да се направи рестрикција. Во таа смисла, на следниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе биде дискутирана оваа мерка за неопходност од тоа да се има две дози вакцини, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања.

Целта на најавата пред три до четири недели, посочи, беше токму тоа да имаат предвид граѓаните и да имаат време да примаат две вакцини од тој момент и најавивме дека ќе биде за некаде крајот на месец октомври или месец ноември, така што очекувам таа дискусија да се одвива на следниот состанок на Комисијата и да заземат став епидемиолозите во однос на тоа, посочи Филипче.

На новинарско прашање за тоа на што се базира одлуката за после три месеци да се даде трета доза вакцина против Ковид-19, тој рече дека ги следат препораките на меѓународните институции и дека дел од нив препорачуваат тие луѓе кои се вакцинирани со „Синофарм“ малку порано ја примат третата бустер доза. Значи, појасни министерот, се уште важи препораката за шест месеци за сите вакцинирани со другите вакцини „Астра“и „Фајзер“, а ова е само за вакцините на „Синофарм“.

Се донесе и уште една препорака, а тоа е да се скрати времето до третата доза за вакцина за граѓаните вакцинирани со вакцината на „Синофарм“ и тоа веќе се спроведува, така што вчера околу илјада пациенти беа вакцинирани со трета доза, верувам дека за тоа ќе има интерес, рече Филипче.

Очигледно е, потенцира министерот, дека огромен е процентот на заболени кои се невакцинирани и сега вирусот се шири значајно меѓу невакцинираните граѓани.

OhridNews